Министерката за евроинтеграции на Србија, Јадранка Јоксимовиќ, ги информираше комесарот за соседство и проширување, Оливер Вархеји и шефот на делегацијата на ЕУ, Сем Фабрицио, за очекувањата дека Србија ќе ја достигне границата на колективен имунитет во следниот месец и дека наскоро ќе почне вакцинација во трговските центри.

Јоксимовиќ рече дека лекарите очекуваат границата на колективниот имунитет да биде достигната во следните месец и половина, пренесува Танјуг.

Потребни ни се уште најмалку еден милион вакцинирани, рече таа.

Таа додаде дека наскоро ќе бидат отворени пунктови во двата најголеми трговски центри, со цел дополнително да се стимулираат луѓето за да можат да се вакцинираат без да закажат термин.

Вархеји оцени дека Србија прави одлична работа и побара сите граѓани на Србија да се вакцинираат.

– Важно е пораката за вакцинација да стигне до секоја личност, рече тој

Директорот на Институтот за јавно здравје на Србија „Милан Јовановиќ Батут“, Верица Јовановиќ изјави дека околу еден и пол милиони луѓе досега ги примиле двете дози на вакцина во Србија и дека најмалку уште еден милион треба да се вакцинираат.

Јовановиќ рече дека планот е да се оди во колективи, оддалечени места, надвор од градовите, да се работи што е можно подолго, како и да се отворат пунктови за вакцинација без закажување.

Посетата е повод по повод пристигнувањето на првиот дел од донацијата на 36.000 вакцини Фајзер за Србија, кои се донација од ЕУ и се дел од контингентот од 651.000 вакцини наменети за регионот на Западен Балкан.