Skip to main content
x

4 May 2021 - 11:20
redakcija
Статија

Пишува: Марија Ковачева 

Стевче Алушовски и официјално потврди дека од следната сезона нема да биде тренер на Вардар 1961. Оваа одлука доаѓа по малку очекувано, првиот човек на клубот, Михајло Михајловски, најверојатно потпадна под притисокот на јавноста која се уште сонува за шампионските денови, за деновите кога овој тим беше на кровот на Европа.

Заслепени од тие денови, никој не ја гледа вистинската реалност. Стариот Вардар 1961 засега нема да се повтори. По последната титула во 2019 година, шампионскиот мозаик целосно се распадна, дел од играчите полека го напуштија Скопје. Иако во составот има вистински борци, но и ракометари кои добро знаат како се чекори по патот кон титулата, сепак за еден европски трон треба многу повеќе од тренер.

Да не заборавиме дека во Лигата на шампионите во битката за титулата нема да го гледаме еден Келце, Пик Сегед и Порто, кои имаат далеку посилен ростер од овој на Вардар 1961.

Очекувањата се чини, барем кога станува збор за Лигата на шампионите се високи. Оваа сезона не треба да се заборави ниту пандемијата коронавирус, таа беше главна речиси на сите средби, но и да не беше така, се прашуваме колку овој Вардар 1961 можеше да стигне далеку? На хартија е лесно, да напишеш што сакаш да оствариш, но треба да бидеш и реален.

Затоа се наметнува и прашањето – Колку Веселин Вујовиќ може да го смени овој Вардар?

Дали следната сезона за македонскиот тим ќе биде многу подобра и со новите засилувања, кои искрено не воодушевуваат премногу. Ако сака некој да ги види „црвено-црните“ многу повисоко во конкуренција во која европските тимови имаат ростери – боли глава, тогаш покрај чудо треба и состав со звучни имиња, а не играчи од надвор, кои ќе созреваат во „црвено-црниот“ дрес.

Ако политиката е таква – тогаш нека се отвори простор за македонските ракометари. Зошто да немаме трпение за сите нив, зошто само еден гол на странец го вреднуваме многу повеќе?

Вујовиќ е легенда на клубот, не го оспоруваме неговиот квалитет, но не треба да заборавиме дека времињата се менуваат, влеговме во 2021 прва година во која сите играат ракомет. Ако некој сака шампионски или пак Вардар 1961 кој ќе биде достоен за еден Веспрем – ќе мора да донесе познати и искусни имиња, да не служи овој тим за калење на странци.

sportmedia.mk