ВМРО-ДПМНЕ денеска излезе со реакција дека Зоран Милевски Кичеец, осуден како обвинет во случајот „Рекет“, може слободно да излегува од затворското одделение во Струга и, како што велат од таму, да се гости по летните тераси.

– Зоран Милески, Кичеец или Кичевскиот, човекот осуден на затворска казна, човекот снимен како ги носи парите од рекет, човекот снимен којшто ја носи полна со пари онаа „Луј Витон“ торба, пари што според исто така осудениот Боки 13 завршиле кај Зоран и Вице Заеви, наместо во затвор, седи и се гоштева по летните тераси на меаните! Ова е скандалозно, но и очекувано.

Режимот на мафијата, преку правосудниот систем во пупка, наместо на отслужување на затворска казна, Кичеец го смести во Струга, во затвор од отворен тип, од каде што затворениците излегуваат надвор!, рече гласноговорникот Наум Стоилковски на денешната прес-конференција.

Според Стоилковски, Кичеец пред да заврши судскиот процес ја променил адресата на живеење од Скопје во Струга за да може да ги ужива привилегиите од отворениот тип на тамошниот затвор.

„За да заврши во Струга, наместо во Идризово или во Штип, тој ја менува адресата на живеење непосредно пред крајот на судскиот процес, што иницира, што посочува, индицира само на една работа, а тоа е дека можеби му било ветено дека ќе заврши токму в отворениот затвор во Струга“, рече Стоилковски.