Skip to main content
x

30 Apr 2021 - 10:10
redakcija
Статија

Од денеска почнува да тече подготвителниот рок за прибирање на целокупната документација која е потребна за аплицирање и добивање на финансиска поддршка преку мерката 7 „ Диверзификација на фарми и развој на мали бизниси“ од ИПАРД 2 програмата, информираат од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.

Според директорот на Агенцијата, Никица Бачовски, согласно програмата, сите заинтересирани ќе може да поднесат барања за модернизација на постојните или отворање на нови погони за производство на прехрамбени производи и пијалоци, занаетчиски дејности, развој на услуги за руралното население како и промоција на руралниот туризам. Ова како што вели Бачовски ќе значи дека со средствата од мерката 7 „Диверзификација на фарми и развој на мали бизниси “ ќе може да се отвораат нови или да се модернизираат погони за тестенини, колачи, да се отворат или унапредат фарми за одгледување на зајаци, дивеч, полжави, слатководни риби, насади за дрва и дрвна маса, како и отворање на ресторани кои нудат угостителски услуги и сместувачки капацитети.

Согласно програмата 65% од прифатливите трошоци за реализиација на инвестициите ќе им бидат вратени на апликантите.

Откако ќе заврши овој рок од 30 дена за подготовка и прибирање на потребната документација за аплицирање, Агенцијата во наредниот период ќе објави повик за Мерка 7 „Диверзификација на фарми и развој на мали бизниси“.

Од таму апелираат до сите заинтересирани, при поднесување на апликациите да водат сметка и уште при аплицирање да го достават целиот сет на барана документација која е утврдена согласно Упатството за корисници на средства од ИПАРД 2, Мерка 7. Сите информации околу потребната документација може да се најдат на веб страна на Агенцијата, www.ipardpa.gov.mk .

Од Агенцијата напоменуваат дека преку оваа мерка „Диверзификација на фарми и развој на мали бизниси“ се создаваат услови за развој на најмоќниот дел од економијата а тоа се малите и микро претпријатија кои се моторот на домашната економија и кои ќе помогнат во развој на руралните средини. Со користење на европските средства од петтата компонента на инструментот за претпристапна помош се унапредува и осовременува домашниот агро-сектор, а со тоа се овозможува зголемено производство, квалитет, како и пласман на домашните земјоделски производи во странство, велат од таму.

makfax.com.mk