Понеделнички

Кој ги уби гласачите

21.04.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Кој ги уби гласачите

По пребројување на гласовите од првиот круг за избор на претседател на Македонија – едно е јасно: СДСМ загуби, и ја делегитимира сопствената власт која и онака е спорна. Победи ВМРО ДПМНЕ и нивната кандидатка Гордана Сиљановска. Победата на ВМРО ДПМНЕ над СДСМ е најмалку 80.000 гласови, колку што им донесоа ДУИ и ДПА. Гласовите за Сиљановска против Стево Пендаровски се доволни за промени.

Некому е тоа изненадување, но за мене не е. Тоа го најавив уште пред две недели, во колумната Бојкотирам. И тоа сега се потврдува. После се што партијата преживеа за последниве три години: атентат врз партија со дипломатска дозвола за слободно пукање, апсење, понижување, омаловажување, терор со лажни вести, злоупотреба на прислушкувани разговори, закани со бришење на партијата, одземање на целосен имот, закани за апсења на луѓе и од сегашното раководство... оваа победа е – дупла победа.

ВМРО ДПМНЕ, во првиот круг, не го победија само СДСМ ујдисан со ДУИ, ДПА и Беса, не. Победата е многу поголема, потемелна и тријумф на разумот над лудилото врз кое СДСМ плива од 9 февруари 2015 година, кога почнаа со нелегално објавување туѓи приватни телефонски разговори од никого верифицирани дека се веродостојни врз кои, потоа, се изгради изместен, деформиран општествен систем дека е невин оној кој пред ваши очи лаже, краде, тепа, обинува без докази и суди без закон наспроти другиот чија најголема вина е – што зборувал по телефон.

Ова доброволно предавање на таа хипноза граѓаните го платија скапо. Се судат луѓе за изградба на автопатите Кичево-Охрид и Скопје-Штип, затоа што договориле преку реалната цена. СДСМ, штом дојде на власт, со анекс на истиот договор се обврза државата да плати дополнителни 80 милиони евра. Не треба повеќе, а има уште многу повеќе.

Пендаровски на кампања во Дебарца изјави дека откако Македонија отпочна процес за влез во НАТО во државава влегле, прецизно, 625 милиони евра инвестиции. За овие неколку месеци не се влезени ниту едно евро нови инвестиции, а камоли такви милиони.

Тоа е пуштање отров на воајерство како клучен фактор за вистината во едно општество кое во голем дел подлегна на тој предизвик верувајќи дека сопствениците на туѓите телефонски разговори се толку силни што им се предадоа да бидат сопственици и на нивните судбини.

Сашо Орданоски, откако се појавија телефонски разговори и за Фрчковски, Анѓушев од илегален извор... бара апсења за сопствениците на разговорите: ќе рекетирале и уценувале. Сега им текна, кога нивните се на тапет, што се случува со тие незаконски прислушкувани разговори. Во СДСМ има такви разговори над еден милион за бизнисмени, политичари, новинари... база за рекет и уцени за секој што барем нешто значи во државава.

А додека јавноста под хипноза се занимава со туѓите телефонски разговори се случува СДСМ да потроши над 8 милијарди евра, а да не видиме ништо инвестирано, изградено од тие пари. Ги зголемија даноците, а министерот за финансии Тевдовски побара од општините и тие да ги зголемат даноците на имот.

Победата на ВМРО ДПМНЕ над СДСМ на овие избори најавува револутивна промена во општеството кое веќе не верува во политика. По фазата на труење со воајеризам и туѓи телефонски разговори следеше болно трезнење со нови даноци, корупција, непотизам и деспотизам. Резултатот од тоа трезнење беше мала излезност на овие избори.

Јавноста почна да верува дека кај нас политика, според европски стандарди, нема. Дека може некоја партија или политичар да тргне и во најдобар проект од интерес за сите, тој проект нема да успее ако не биде одобрен од дипломатите, и од Албанците.

Целата изборна кампања на СДСМ од 2015 до сега, а така ќе биде и во иднина, се темели на вовлекување на етничките Албанци и на дипломатите. До таму што и на овие избори се носеа гласачи од Косово, организирано и со автобуси. И тоа некому беше прифатливо.

Албанците прифатија да бидат алатка за власт на СДСМ, наплатена од нивните лидери. Тендерите, привилегиите остануваат кај политичките лидери на ДУИ и компанија.

Граѓаните, а особено Македонците немаат никаква, ама никаква политичка важност. Кој ќе се испазари со дипломатите и со албанските политички партии, тој е победникот. Тоа не е политика, тука нема демократија ниту конкурентност на политики и идеи.

Овие избори се можност тоа да не биде веќе така. Граѓанинот, а особено Македонецот да ја поврати својата важност, својата политичка и избирачка моќ. Дека гласачите се се уште живи. И тука се. И ќе функционираат. Дека вербата во политиката се враќа. Дека секој политичар и партија ќе мора да одговара пред законот и пред граѓанинот. Пред никој друг.

Во спротивно не чека приватизација на болниците која ја најави СДСМ и министерот за здравство. Секој ќе се лечи онаму каде што може да плати, како што кажа министерот. Не чекаат нови, поголеми даноци, како што најави министерот за финансии Тевдовски. Не чека заедница на албанските општини, како што најави градоначалничката на Тетово, Теута Арифи... нови милијарди евра од буџетот фрлени во ветар.

Не чека бојкот на вториот круг и не може да се избере претседател без гласачи. Тогаш ќе мора да се оди на брзи вонредни парламентарни избори заедно со претседателските избори, за да има цензус. Приказната за избор на претседател во Собрание е магловита.

Наркотичното дејство на држење јавност под хипноза со туѓи телефонски разговори и бескрајна низа прогони, судења и навреди врз сите кои не се под твоја контрола, полека завршува. Во менталниот склоп на СДСМ очекувани се и местења на вториот круг. Што тогаш.

Доаѓа поинакво време. ВМРО ДПМНЕ го победи СДСМ на овие избори убедливо – со околу 80.000 гласови или, пренесено во пратеници, тоа е над 10 пратеници повеќе од СДСМ. А  Мицковски тукушто почна да се разигрува и да покажува идеја, идеологија, идентитет и политички карактер. Без ВМРО ДПМНЕ не е веќе можна ниту една битна одлука, сега и во иднина.

Сите проекти поврзани со историјата и националниот код на Македонија не се можни ако не се поддржани и спроведени од ВМРО ДПМНЕ. Нема да бидат имплементирани, прифатени од мнозинството. Зошто? Затоа што во создавањето на историјата и националниот код на Македонците ВМРО има најголем удел. И најголема жртва. И најголема заслуга.

(22.04.2019)

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата