Skip to main content
x

8 Apr 2021 - 16:00
redakcija
Статија

Премиерот, Зоран Заев, придружуван од директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозните групи, Даријан Сотировски, се сретна со поглаварите на верските заедници во земјава споменати во Уставот – на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, Архиепископот Охридски и Македонски, г.г. Стефан, на Исламската верска заедница, Реисул Улема хаџи Шаќир ефенди Фетаи и на Католичката црква, монсињор Киро Стојанов, бискуп скопски и струмичко-скопски епарх.

Заеднички апел на Владата и МПЦ, ИВЗ и Католичката црква, до сите граѓани, е да се почитуваат мерките во борбата против коронавирусот.

„Исто така, изразена е поддршка од сите верски заедници на процесот на вакцинирање и се упатува заеднички повик до сите граѓани да се пријават за вакцинација, со што ќе дадат придонес во сочувувањето на своето здравје и на јавното здравје. Од страна на верските лидери присутни на состанокот е укажано дека на заштитата на здравјето не е само обврска на државата, туку е и верска обврска бидејќи секој човек е должен, како општествено, така и според верата, да биде во служба на здравјето“, соопштија од Владата.

На средбата било оценето дека од почитувањето на мерките, ќе зависи и како граѓаните ќе ги поминат претстојните празници Велигден и Рамазан Бајрам.

„Премиерот Заев изрази благодарност до верските лидери за потребата да се застане заеднички, во справувањето со последиците од пандемијата, што е од полза на сите луѓе. Тој најави средби и со претставници на другите верски заедници во земјава“, соопштија од Владата.

На состанокот е разговарано и за прашања од областа на денационализацијата на имот и образованието и е одлучено за нив да има дополнителни контакти, со цел заокружување на решенијата во интерес и на државата и на верските заедници и граѓаните.

makfax.com.mk