На денешната собраниска расправа за измени на Законот за природа, пратеничката Велика Стојковска од ВМРО-ДПМНЕ рече дека е добро што износите на глобите се зголемуваат, бидејќи станува збор за нешто што е неповратно.

-Треба и поголеми казни во овој дел, треба да има измени дури и на Казнениот законик. Апелирам до министерсвото да имаме поширок пристап за заштита на природата. Еве сега општина Гази Баба предлага измени на три ГУП за изградба на индустриски зони во близина на паркот Гази Баба дел кој е важен за прочистување на воздухот, колку да е тоа лесна индустрија, загадува и прави пореметување на еколошкиот систем на околината. Мора да се внимава и при давање на градежни дозволи, укажа Стојковска.

Таа апелираше конечно да се спроведуваат целите на ОН од кои 15 од вкупно 17 се поврзани со природата.

-Мора да има и строги решенија кога станува збор за третман на ѓубрето, вели Стојкоска.

И пратеничката Ане Лашкоска од ВМРО-ДПМНЕ говорејќи за усогласување на Законот за природа со Закон за прекршоци, додаде дека кога се прават вакви усогласувања се користи ситуацијата за одредени работи да се протнат.

-Кога зборуваме за Законот на води, морам да го спомнам загадувањето на водите. На тематска конференција во органзиација на МАНУ се бара пречистителни станици, искористување на европските фондови за оваа намена, тренинг центар за оператори на прелистителни станици. Веќе се изградени доста пречистителни станици или со средства од Буџетот или со странски донации. Се е тоа направено во време на владата на ВМРО-ДПМНЕ, рече Лашкоска.