Директорот за застапување на МЕНА во „Амнести интернешнел“, Филип Насиф, го повика американскиот претседател Џо Бајден да го осуди кршењето на човековите права во Египет и да побара промена.

„Десетици илјади луѓе беа приведени и затворени во Египет, а ‘Амнести интернешнел’ го нарече тоа најголемиот затвор на отворено во светот“, изјави Насиф за „Тудеј њуз Африка“

Египетскиот претседател Абдел Фатах ал- Сиси наложи насилно потиснување на активистите, медиумите и луѓето кои не се согласуваат со ставовите за државата или со неговата религија. Угнетувањето е во најлоша форма, полоша отколку што сме виделе во современата историја, вклучувајќи тортура во затворите и смртност за која нема информации.

„Нашата загриженост е дека американската влада продолжи да му продава оружје на Египет и да му обезбедува политичко покритие. Тоа им го кажавме многу јасно и на американскиот Конгрес и на администрацијата на Бајден“, вели Насиф.

Бајден вети дека нема да веќе да му обезбедува бланко покритие на „омилениот диктатор“ на Трамп откако поранешниот американски претседател продолжи да одржува блиски односи со Сиси и покрај тоа што кршењето на човековите права драматично се зголеми.

Сепак, Бајден во февруари наиде на масовна осуда откако неговата администрација одобри продажба на оружје во вредност од 200 милиони долари на Египет.

На почетокот на неделава критиките беа обновени откако Бајден го поддржа имунитетот на поранешниот египетски премиер Хазем Беблави по тужбата поднесена од поранешниот политички затвореник Мохамед Солтан во Вашингтон, според која Беблави е одговорен за тортурата што му била извршена за време на затворањето во Египет.

Минатиот четврток американското  Министерство за правда достави формална декларација со која го повикува Федералниот суд да го отфрли случајот на Солтан.

Коментарите на Насиф следуваат по објавувањето на годишниот извештај на „Амнести интернешнел“ за состојбата со човековите права, во кој се документирани повредите извршени во Египет во 2020 година.

„Властите го казнуваат секое јавно или перципирано несогласување“, се вели во извештајот „и ги притвораат новинарите како одмазда за нивните критички ставови, вклучително и оние за справувањето со кризата со Ковид-19 од страна на владата“.

Стотици демонстранти и случајни минувачи се под истрага за обвиненија поврзани со тероризам, а гаранциите за фер судење редовно се отфрлаат. Жените се гонети под обвинение за  повреда на моралот поради начинот на облекување, а властите уапсија и гонеа христијани, шиитски муслимани и други за богохулење.

makfax.com.mk