Вакцината на Астра Зенека во земјава нема да се препорачува на лица под 60 години. За вакцинираните во Србија ќе се чекаат нови препораки или ќе се ревакцинираат со други вакцини, изјави предмалку министерот за здравство Венко Филипче

Очекува во текот на овој месец во земјава да стигнат околу 300.000 вакцини, од нив најголем дел од Кина.

По проценката на Европската агенција за лекови, ЕМА, дека вакцината на АстраЗенека сепак е поврзана за ретки нус појави кои можат да предизвикаат тромбоза, Европската Комисија бара обединет став во земјите членки на ЕУ. Засега секоја земја членка сама одлучува дали и како ќе ги користи вакцините, меѓу кои и АстраЗенека.

Здравствената политика во ЕУ е национална надлежност и секоја земја е целосно слободна во своите одлуки, порача еврокомесарката за здравство, Стела Кириакидес. Универзитетот Оксфорд, пак, оцени дека идентификувањето на ретки случаи на згрутчување на крвта, кои можат да бидат поврзани со вакцината „АстраЗенека“, покажува дека функционираат безбедносните системи.

„Охрабрени сме да видиме дека следењето на безбедноста продолжува под внимателен надзор на регулаторите“.

Германија засега ја ограничи употребата на „АстраЗенека“ на лица постари од 60 години и групи со висок приоритет, а одлуката за луѓето на возраст под 60 години кои ја примиле првата доза на „АстраЗенека“ е одложена за идната недела.

Во Франција и Белгија вакцината се дава само на лица над 55 години. Во Финска со „АстраЗенека“ се вакцинираат само лица над 65 години. Италија препорача да се вакцинираат со „АстраЗенека“ само оние над 60 години.

Другите земји на ЕУ во моментов немаат ограничувања за вакцината.