Skip to main content
x

8 Apr 2021 - 13:40
redakcija
Статија

Фалсификат македонски пасош издаден од МВР добил и Валид Иса Хмаис, преку кој италијанската мафија ги перела парите од трговијата со кокаин, тврди потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски.

„Денес ќе ви презентираме и нови документи доставени од свиркач до ВМРО-ДПМНЕ. Дали македонски пасош издаден од МВР на Спасовски и Заев имал и еден од главните соработници на италијанската мафија? Валид Иса Хмаис, кој важи за главниот перач на пари од трговијата со кокаин на италијанската наркомафија, на 9.1.2019 година во Скопје во регуларна постапка се сликал во управните служби на МВР, а потоа и го подигнал македонскиот пасош со украден идентитет на Македонец од Корча, Вурмо Таќо роден 1965 година“, рече Мисајловски.

Тој прашува дали е ова вистина или, како што нарекуваат од СДСМ, само перцепција?

Според Мисајловски, Валид од 2017 година е во бегство во повеќе држави во светот, а по добивање на македонскиот пасош на име Таќо Вурмо, двапати во јануари 2019 година го искористил македонскиот пасош и преку аеродром Петровец заминал за Турција.

Според последните информации објавени во италијанските медиуми, додаде тој, наводно се наоѓа на островската држава Маврициус.

„Македонија станала Колумбија на Балканот. Не смее оваа афера да заврши со одговорност само на службеници. За аферата ‘Мафија’ морале да знаат и одговорните лица во МВР и Владата. Зошто нема никаква потерница по овие лица кои добиле легален македонски пасош со скриен или лажен идентитет?“ праша Мисајловски.

Мафијаши од ваков калибар, додаде тој, влегувале во македонската полиција да се сликаат и сега од владата на Заев и Спасовски сакаат да нè уверат дека ниту еден полициски службеник не забележал дека станува збор за исклучително опасни луѓе?

Тој праша зашто МВР нема истрага за тоа дали отворале банкарски сметки, зашто и по инсистирање на партнерските безбедносни служби Спасовски и МВР не презеле ништо за санкционирање на овој скандал и афера и каде завршиле парите кои ги плаќале за издавање на овие пасоши?

makfax.com.mk