Во Израел, со едноминутно молчење беше одбележан Денот на сеќавање на шесте милиони Евреи кои загинаа во холокаустот, додека сирените две минути се огласија низ целата земја.

Денес Израелците со едноминутно молчење и двоминутно завивање на сирените низ целата земја покажаа дека го чуваат споменот на шесте милиони еврејски жртви на холокаустот.

Автобуси и автомобили застануваа на улиците и автопатите, а пешаците стоеја во место во спомен на загинатите во нацистичкиот геноцид.

Денот на сеќавање е еден од најтажните денови во израелскиот календар, по повод годишнината од востанието во Варшавското гето во 1943 година – најзначајниот чин на еврејскиот отпор против нацистичка Германија за време на холокаустот.

Вчера, по зајдисонцето, израелските радио и ТВ станици започнаа со емитување на специјална програма по повод сеќавањето на холокаустот, а рестораните и местата за забава беа затворени.

Во Израел има помалку од 180.000 преживеани од холокаустот. Претседателот Рувен Ривлин вчера во Меморијалниот центар Јад Вашем изјави дека 900 преживеани починале за време на минатогодишната пандемија на коронавирус.

Говорејќи на спомен-обележјето, премиерот Бенјамин Нетанјаху ги повика светските лидери да не го обновуваат нуклеарниот договор со Иран, велејќи дека историјата нè научи дека таквите договори со екстремистички режими не вредат ништо.

 

makfax.com.mk