Skip to main content
x

7 Apr 2021 - 18:50
redakcija
Статија

Малопродажните цени на бензините еуросупер БС-95 и еуросупер БС-98 од вечерва на полноќ се зголемуваат за 0,50 денари за литар, додека цената на еуродизелот се зголемува за 3 денари за литар, соопшти доцна попладнево Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги .

Во исто време цената на екстра лесното масло за домаќинство ЕЛ-1 се зголемува за 13,50 денари за литар, а на мазутот М-1 опстанува непроменета.

Согласно оваа одлука од вечерва на полноќ максималната цена на еуросуперот БС-95 ќе изнесува 67,50 денари за литар, на еуросуперот БС-98 69,50 денари за литар, на дизелот и на екстра лесното масло по 58,00 денари за литар, а на мазутот 34,779 денари за килограм.

Регулаторната комисија информира дека денешната промена на Одлуката од 5 април 2021 година за највисоките малопродажни цени на нафтените деривати и горива за транспорт, е донесена согласно измените на Законот за акцизите што го донесе Собранието.

„Одлуката доаѓа откако Собранието на РСМ ги изгласа измените на Законот за акцизите. РКЕ практично изврши усогласување на Одлуката со Законот што е на сила и сега малопродажната цена на екстра лесното масло за горење е изедначена со дизел горивото. Цените на нафтените деривати се прилагодени согласно новите износи на акцизите“, изјави Марко Бислимоски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги.

makfax.com.mk