Гостивар се врати на победите по поразот од Вардар во минатото коло, причина поради која Марјан Србиновски си поднесе оставка. Никој, не очекуваше дека на дербито против МЗТ Скопје, новиот стратег, Александар Јончевски ќе дебитира со убедлива победа и уште поубедлива игра.

Домашниот тим славеше со 65-51 и дојде до важни бодови за место меѓу први осум екипи. Избраниците на Јончевски одиграа одлично прво полувреме, во кое имаа предност од 39-23, а одлично одиграа и во третата четвртина која ја добија со 15-9 и ставија крај на сите надежи на противникот. Гостите се обидуваа во последниот период да се вратат, но немаше време, ниту пак сили за вакво нешто.

За МЗТ Скопје ова беше петти пораз оваа сезона, Гостивар пак дојде до 11. победа. Волкер со 17 поени беше прв стрелец, по десет поени имаа Димчевски и Јанески, кај гостите Крстевски имаше 13 поени.

На втората средба Еуроникел продолжи победнички, на домашен терен го совлада Кожув со 84-75 по пресврт. Ова беше заостанат меч од деветото коло. Кавадарчани со 14 победа се искачија на второто место во Првата лиха.

sportmedia.mk