Европската комисија денеска соопшти дека претседателката Урсула фон дер Лајен била видно изненадена од распоредот за седење за време на вчерашните разговори со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во Анкара, но дека нејзиниот приоритет е суштината на односите меѓу ЕУ и Турција, а не протоколот.

Вчерашното видео од Анкара покажува дека протоколот предвидувал две централни места за претседателите на Европскиот совет, Шарл Мишел и турскиот претседател Ердоган, додека претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, била видно збунета и сместена на софа на страна.

„Тешко е да се процени зошто ѝ е понудено тоа место, но тоа е прашање на турските власти, кои се одговорни за организирање на состанокот“, рече портпаролот на Комисијата, Ерик Мамер.

Европската комисија забележува дека протоколот за претседателите на Европскиот совет и Европската комисија е ист и дека е „нормално“ да се третираат исто кога се во посета во странска земја.

„Како и да е, претседателката одлучи да учествува во разговорите и да и даде предност на суштината во однос на протоколот. Во исто време, таа побара од нејзиниот тим да обезбеди дека таков пропуст нема да се случи во иднина“, вели Мамер.

Групата на Европската народна партија, која претставува најсилна и најстара политичка група во Европскиот парламент, вклучително и претставници на германската ЦДУ, од која доаѓа и самата Фон дер Лајен, вели дека некој треба да се срами што претседателката на ЕК не добила соодветно место во палатата на Ердоган.

„Жените заслужуваат исто признание како и нивните машки колеги“, велат пратениците на Европската народна партија.

По вчерашните разговори во Анкара, Мишел и Лајен изјавија дека ЕУ е подготвена да понуди позитивна агенда во односите со Турција, за економска соработка, миграција, човечки односи и мобилност и дека се надеваат дека Турција ќе ја искористи оваа можност.

Фон дер Лајен истакна дека ЕУ ќе продолжи да ѝ помага на Анкара да обезбеди засолниште за бегалците преку инвестирање во програми за бегалци, но исто така изрази загриженост за повлекувањето на Турција од Истанбулската конвенција за спречување на насилство врз жени и деца.

makfax.com.mk