Од вечерва во 20 часот, па до 05 часот утре изутрина почна двонеделен зголемен полициски час, како дел од новите заострени мерки во чии рамки веќе од утре нема да работат ниту угостителските објекти, обложувалниците, теретаните… А забрана има и за организирање, одржување и учество на семинари, обуки, работилници, курсеви, конференции.

Новите рестриктивни мерки имаат за цел да се намали оптоварувањето на здравствениот систем, како и да се избегне потенцијално затворање за верските празници Велигден и Бајрам.

Одлуката за затворање ќе трае до 20 април 2021 година, а како што соопшти Владата по вчерашната седница, објектите кои вршат подготовка и продажба на храна може да продаваат преку онлајн или телефонска нарачка и да вршат достава на храна или самостојно подигнување на нарачката надвор од угостителскиот објект, преку пулт.

Целосна забрана да примаат гости ќе имаат и хотелите, мотелите, хостелите, пансионите и други објекти за сместување или на бензински станици кои имаат делови за служење храна, а исклучок се рестораните во склоп на хотелите, мотелите, хостели и пансиони за оние лица кои се сместени како гости, како и угостителскиоте објекти на Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид.

Обложувалниците ќе можат да работат без да примаат гости во своите објекти и уплатите да ги вршат преку наплатен пункт.