Skip to main content
x

6 Apr 2021 - 12:50
redakcija
Статија

За 12,5 % е зголемена вкупната потрошувачка на природен гас минатата година во споредба со 2019 година. Вкупно 471 потрошувач, од кои 340 се домаќинства потрошиле над 338 милиони нормални метри кубни гас во 2020 година, покажуваат анализите на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги.

Гасна електрана-топлана „Те-То“ АД Скопје, останува доминантен потрошувач на природен гас со околу 68% од вкупната годишна потрошувачка на државно ниво. Втор на листата по потрошени нормални метри кубни е производство на топлина „Балкан Енерџи“ Дооел, по што следуваат „Макстил“ и „ЕСМ“-Подружница Енергетика.

“Од година во година расте потрошувачката на природниот гас, тоа пак е показател дека гасот е економски но и еколошки најдобар. Нетипични се бројките во енергетскиот сектор во годината во која ја одбележа пандемијата со Ковид-19 кога е во прашање потрошувачката на природниот гас. Податоците покажуваат зголемена потрошувачка на природен гас кај општата индустрија и тоа за 43 %. Од друга страна пак за скоро 11 % е намалена потрошувачката кај металната индустрија, помала потрошувачка минатата година има и кај технолошко индустриско развојните зони и тоа за 16 %. Зголемена потрошувачка има кај болниците кои се на природен гас и тоа приближно 8 %, исто така зголемување има и кај производството ТЕ, додека стабилна останува потрошувачката кај јавните институции и прехрамбената индустрија“, потенцира претседателот на комисијата Марко Бислимовски.

ЈП „Струмица гас„ преку својот т.н виртуелен систем минатата година дистрибуирала над 709.100 нормални метри кубни гас, што е за 5 % повеќе од 2019 година. Раст, но со помал интензитет има и кај ЈП „Куманово гас“ кој изминатата година регистрира испорачани скоро 541 илјади нормални метри кубни гас, посочуват од регулаторното тело.

Во 2020 година имало 53 нови приклучоци од категоријата домаќинства, додека во 2019 биле регистрирани само 14 нови приклучоци.

Инаку, од 1 јануари 2021 година на сила е одлуката на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги со која е намалена тарифата за пренос на природен гас во просек за 6,16 %.

makfax.com.mk