Бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана, Красимир Каракачанов,  вели дека Македонија е земја во која власта на Зоран Заев сака да им ги земе парите со рекет на успешните бизнисмени, а успешните луѓе да ги прогонува.

Тој во телефонски разговор за „Инфомакс“ додава дека ако сакал Јордан Камчев да избега од Македонија тој воопшто немало да се врати назад бидејќи има бугарски документи и слободно може да не се врати.

– Имаше можност и со бугарската лична карта легално да ги премине границите со Грција, Бугарија и Албанија, но тој тоа не го направи. Евентуално бегство на бизнисмен од класата на Орце Камчев, би било многу тешко да биде детектирано дури и за бугарските служби бидејќи таквите бизнисмени имаат многу пари и ако имаат вистинска намера да избегаат од државата најчесто можат да си ја купат слободата и со туѓа државна помош да заминат, рече тој.

Потенцира дека и бегство со помош на трета држава се организира многу едноставно – ќе го земат со дипломатско возило и ќе го извадат од државата, и  толку.

Каракачанов демантираше и дека бугарски агенти му помагале на Јордан Камчев да организира бегство од Македонија.