Градот Скопје ги потсетува граѓаните дека е во тек субвенционирањето за чистење на оџаците на нивните објекти и дека може да надоместат дел од трошоците направени за негово чистење. На јавниот повик на Градот Скопје што важи од 1 јануари и е во тек, досега се пријавиле 119 граѓани.

Со јавниот повик за субвенционирање на граѓаните и на други субјекти на подрачјето на Скопје за чистење оџаци за 2019 година Градот Скопје ќе надомести дел од трошоците за чистење на оџаците, во износ од 1.000 денари. На повикот можат да учествуваат физички и правни лица чие живеалиште, односно седиште, е на подрачјето на Град Скопје. Поточно, право на учество на овој повик имаат жителите на Скопје и правните лица кои имаат деловни објекти во општините Аеродром, Гази Баба, Кисела Вода, Карпош, Чаир, Шуто Оризари, Центар, Ѓорче Петров, Бутел и Сарај, кои ќе го исчистат оџакот на своето живеалиште или деловен објект и ќе поднесат барање за искористување на правото за надоместок.

Јавниот повик трае заклучно со 30 ноември и ќе биде реализиран по принципот „прв дојден, прв услужен“, односно до исцрпување на средствата предвидени за оваа намена во Буџетот на Град Скопје за 2019 година.

Барањето за искористување на правото за надоместок на дел од трошоците за чистење оџаци, заедно со потребната документација, треба да се достави во затворен коверт до Град Скопје, булевар Илинден број 82, во архивата на Град Скопје, секој работен ден од 08:30 до 15 часот.

Целта на овој проект на Град Скопје е да се придонесе за намалување на загаденоста на амбиентниот воздух, особено со ПМ10 и ПМ2,5 честичките. Една од поголемите причини за емисија на овие честички е затоплувањето на објектите кои не се приклучени на централното греење, пред се, заради нецелосното и несоодветно согорување на огревното дрво; несоодветниот квалитет и начин на чување на дрвото; употребата на стари, дотраени и технички неисправни печки; како и нередовното чистење и одржување на оџаците. Мерката има цел да постигне краткорочни и некои подолгорочни ефекти, како што се постигнување на подобро согорување, намалување на штетните отпадни гасови, саѓите и трошоците за затоплување, заштита од пожари, како и подигнување на јавната свест за потребата од редовно чистење на оџаците.

Град Скопје оваа мерка ја реализираше и во 2018 година, кога беа доделени 269 субвенции.

извор: Makfax

1

Најчитани вести