СДСМ дозволија по втор пат да им се случи бегство, и одговорноста треба да се бара кај нив и во владата, бидејќи и СДСМ и владата се цел ден без реакција, вели портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски за „Што не  е јасно“ на Алфа. Според Арсовски после ова неизбежна е оставка на премиерот Заев и министерот Спасовски.

– Доколку земјата се води согласно праксата која што ни ја прикажуваат Заев и Спасовски, тогаш фактите говорат дека македонските граѓани немаат никаква безбедност, односно дека во земјата секој може да влезе и излезе кога сака, независно дали постојат некакви процеси против него, вели Арсовски.

Тој посочи дека МВР се покажа како тотално нефункционално и непрофесионално.

– Независно од тоа дали Спасовски постапува по некоја насока на неговиот претседател Заев, сепак ваквиот чин претставува пример за тоа како функционира држава во која владее хибриден режим. Зоран Заев ќе ја користи оваа прилика да расчисти со своите функционери и сметам дека со овој случај се пушта низ вода Спасовски, рече портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.

Според него после ваквите случувања, неминовна е оставката на Заев и Спасовски, бидејќи тие се директно одговорни за ова бегство на Сашо Мијалков.

– Иако најверојатно прават нови сценарија и ништо не е случајно, сепак за ваков несериозен пристап кон работите, мора да следува одговорност. Зоран Заев бил во потесна соработка со многу соработници и актери во овој случај и за тоа мора јавно да даде објаснување, а потоа да поднесе оставка. Оваа владина гарнитура нема тежина и истата ќе сноси огромни последици, вели Арсовски