Турската компанија „Пурпласт“ ќе ја отвори својата нова фабрика во ТИРЗ Скопје 2. Компанијата, која има 40-годишно искуство во автомобилската индустрија и своите производи ги извезува во 36 земји во светот, ќе влезе со инвестиција од 5,1 милиони евра, а ќе овозможи од 40 до 50 нови вработувања.

Ова беше истакнато во Владата, каде што беше потпишан договорот за државна помош за реализација на оваа инвестиција, а на која присуствуваа заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи, директорот на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони, Јован Деспотовски, и извршниот директор на „Пурпласт“, Мехмед Шишманоглу.

Вицепремиерот Битиќи ја поздрави одлуката на компанијата, која и покрај актуелната ситуација, одлучи да продолжи со реализација на својот проект.

„Сакам да ја поздравам ажурноста на менаџментот на ‘Пурпласт’, кои досега веќе ја надминаа минималната сума на инвестиции предвидена во деловниот план, која изнесуваше 4 милиони евра, и инвестираа досега 5,1 милиони евра во фабриката во Бунарџик, а за почеток се планира вработување на 40-50 лица. Се надевам дека ќе се остварат сите услови и дека развојните планови ќе продолжат, а тие предвидуваат инвестиции до 12 милиони евра и вкупно 215 работни места“, посочи Битиќи.

Директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски, нагласи дека ова е втората објава на инвестиција во 45 дена од новата 2021 година.

„Турската компанија ‘Пурпласт’ е новиот инвеститор во ТИРЗ Скопје 2. Почнува со почетен инвестициски циклус од 5,1 милиони евра и 50 од вкупно предвидени 200 вработени, наши сограѓани. Платите ќе се движат од 20.000 до 75.000 денари, сегмент што внимателно ќе го следиме. Како Влада и како ТИРЗ продолжуваме со презентирање конкретни резултати. Воведовме нова пракса на профилирање на инвеститорите и правење домаќински есап. Тоа покажува дека државата може за помалку од 10 години да очекува поврат на доделените државни средства по разни основи. Наша цел е со посебни механизми, кои ги развивме, да ги поттикнеме инвеститорите што побргу да ја искористат државната помош и побргу да почнат да враќаат во државниот буџет“, рече Деспотовски.

Извршниот директор на Групацијата Пурпласт, Мехмед Шишманоглу, осврнувајќи се на ковид-кризата, рече дека оваа година донесе промена што никој од нас не ја очекуваше додавајќи дополнително ниво на предизвик за реализација на инвестицијата.

„Со целосна интеграција во постпандемиската т.н. нова нормала, компаниите како „Пурпласт“, кои продолжуваат да напредуваат, ќе закрепнат побргу и ќе земат поголем удел од пазарот со нова производна линија и слободен капацитет. Со нашата силна мотивација и верба во оваа инвестиција, ќе можеме да ја почнеме работата пред крајот на мај годинава и се надеваме дека ќе се сретнеме лично за време на нашата официјална церемонија на отворање летово“, нагласи Шишманоглу.

makfax.com.mk