Бајден веќе МУ СЕ ЗАКАНИ НА ПУТИН

26.01.2021
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Бајден веќе МУ СЕ ЗАКАНИ НА ПУТИН

Американскиот претседател Џозеф Бајден му порача на рускиот претседател Владимир Путин дека Соединетите држави имаат намера да реагираат решително на штетните и опасни активности на Русија, и дека ќе ги бранат своите национални интереси од нив, објави Белата куќа.

Портпаролката на Белата куќа, Џен Псаки, на брифинг ги информираше медиумите за содржината на телефонскиот разговор на двајцата лидери, нагласувајќи дека Бајден имал намера „да разјасни за време на разговорот дека САД ќе реагираат цврсто за да ги заштитат своите национални интереси од опасните активности на Русија "

Денешниот телефонски разговор меѓу двајцата претседатели беше одржан на иницијатива на Бајден и ова е нивни прв контакт откако Бајден го презеде претседателското место.

Според Псаки, тие разговарале за продолжување на Договорот за стратешко офанзивно вооружување (СТАРТ 3) и проблемите во односите меѓу двете земји.

„Бајден телефонски се обрати до претседателот Путин со намера да разговара за продолжување на договорот СТАРТ 3 на пет години, како и да ја потврди силната поддршка на Америка за суверенитетот на Украина во контекст на тековната руска агресија“, рече Псаки.

Други прашања беа на дневен ред - награди за напади на талибанците врз американски војници во Авганистан, мешање во американските избори, труење на Алексеј Навални, односот на безбедносните сили кон демонстрантите во Русија и други.

Претходно, руските власти постојано ги отфрлаа обвинувањата на Вашингтон за сите овие точки.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата