По се она што се случуваше на СП во Египет, каде Македонија го заврши Мундијалот на 23 место со пет порази и само една победа, Данило Брестовац не е веќе селектор. Ова официјално во текот на денот го сопшти Ракометната федерација на Македонија.

Па така за почеток на својата завршна анализа, Ристо Магдинчев го коментира и ова, дека Брестовац не е веќе селектор на нашата најдобра ракометна селекција.

Искрено не се изненадив, тоа е само логичен потег по се она што се случи во Египет. Само се уште не знам дали е спогодбено, дали е отказ или оставка, но тоа не е ни важно. Поважно е што Брестовац не е веќе селектор и дека сега мора да се бара друго решение. Мислам дека Данило покажа извесна доза на несериозност, пред се во давањето изјви. Видете, да си селектор на една држава тоа е голема работа, не може пред СП да кажеш дека сме подготвени, а потоа кога ќе ти се случат сите оние силни порази самиот да се демантираш и да кажеш сме заминале на Мундијалот неподготвени. Тоа не е сериозно. Исто така не му е на место она дека клубовите се виновни што нашите играчи не играат. Имам уште замерки, но сега Брестовац е минато, треба да се насочат силите и мислите кон тоа да се одбере човек кој што ќе биде најдобар во овој момент. Јас секогаш му давав поддршка на Данило за овој период како селектор, но. Само да додадам дека сега со Данило треба да си оди и целиот стручен штаб. И мој совет е во репрезентацијата покрај нов селектор, треба да има и уште двајца – тројца некогашни познати ракометари. Кои се наши ракометни величини, а нив ги имаме и тоа како“ вели Магдинчев.

-Македонија заврши како 23-та сила во светот, искрено очекувањата беа далеку поголеми?

Па, да. Ние таму отидовме со вајлд- карта, и кога се ќе се иззанализира не го оправдавме нашето учество таму. Ова за мене е тотален неуспех, без разлика што отидовме со млади, со ракометари кои немаат искуство од вакви натпревари, што тие млади требаше да се калат. Успех е што отидовме, но резултатски минавме катастрофално. Мене ме боли тоа што ние веќе се навикнавме на порази. Ме боли што се вели дека кога ќе загубиме со 5 или 10 разлика, е добро, зошто не сме загубиле со 20. Се плашам дека на младите полека како да им се всадува тој губитнички менталитет. Мене ме вади од такт кога ќе видам дека нема борбеност, нема организираност, нема борба за светиот дрес на репрезентацијата, на земјата која ја претставуваш. Се знае кој е одговорен за тоа. Ние знаеме дека младите беа и под извесен притисок, но сепак реално се очекуваше многу повеќе.

Барем јас забележав дека меѓу оние поискусни како Лазаров, Митревски, Стоилов, Талески, Кузмановски со помладите како да немаше воиграност, таа потребна “хемија“, вкомпонираност. И за ова се знае кој е виновен или одговорен. За играта нема што многу да зборувам, ние не покажавме ништо ново, нешто што посебно ќе не одбележи како на минатите првенства. Видете, сите ние сакаме Македонија да победува, да биде најдобра, да игра како некогаш, но ние на ова СП одиме чекор назад. Тоа е факт, тоа е реалноста. И треба да се вратиме на добро познатите патеки“.

-Капитенот Кире Лазаров за СПОРТМЕДИА дури кажа дека нашата игра била катастрофа, дека не е задоволен од односот кон националниот дрес. Како го оценувате неговиот настап,ова за него веројатно е последниот настап на еден Мундијал?

Во право е капитенот, тој е внатре што се вели и знае да ги искаже работите како што се. Лазаров одигра во рамките на своите моментални можности. Се трудеше како капитен да ја подигне репрезентацијата, притоа постигнуваше голови, но имаше и многу грешки што е и нормално кога ја немаше таа подршка од останатите. Кире пред Египет рече дека тешко ќе може да издржи да одигра шест меча на високо ниво за десет дена, тоа и се покажа како точно. Се гледа дека годините притискаат, посебно кога сите веќе знаат како треба да се игра против него. Ќе го покријат и со тоа ја покриле цела наша игра“.

-Ваш коментар за Талески и Кузмановски?

Јас упорно и упорно тврдам дека Талески е голем, огромен потенцијал, дека може да биде голем ракометар. Но тој има проблем со психата. Тој е играч што на Кил му има дадено девет гола. Од друга страна тој не може да ја поднесе сета онаа критика од јавноста која го потценува, која го критикува, го нарекува ваков или онаков. Тоа него му пречи. Донекаде и самиот е виновен за својата форма, негова е грешката што седеше на клупа на РНЛ, потоа во Балинген а сега и во Вардар. Тој мора да биде во тим каде што ќе игра. Со него мора и посебно и специјално да се работи. Имаме потенцијал во него кој не знаеме или не можеме да ги искористиме. А факт е дека на ова СП беше лош, апатичен, тука нема дилема. Кузмановски пак се обидуваше, тој има силна волја, кога не му оди сака и на сила да го реши проблемот. И кога не му оди тој упорно шутира. Беше солиден на моменти, но може многу подобро. И по 100-ти пат за него. Кузмановски е лев бек, а не среден бек. Тоа мора да се апсолвира веќе, не знам што гледаат селекторите и тренерите кај него за да го ставаат на местото среден бек. Класичен лев бек и точка веќе“.

-Се чини дека голманите беа нашата единствена светла точка?

Да, да. Апсолутно сте во право. Митревски одличен, се гледа дека е во врвна форма. Според мене тој многу порано требаше да биде нашиот прв голман. Исто така тука е и Томовски, имаме многу други добри голмани, како Кизиќ на пример. За тоа место во репрезентацијата не треба да се грижиме. Не можам да дадам дефиниција за Велковски, Танкоски, Серафимов со оглед на нивните повреди, но тие момци се квалитет, имаат талент, имаат потенцијал. Јас верувам во мак – ракометот дека има добра иднина. Но треба правилно да се работи. Има уште многу да се говори, да се анализира, да се укажува. Јас посакувам од се ова што се случуваше во Египет да извлечеме добро поуки, зошто ќе ни требаат за во иднина“ заклучи нашиот стручен коментатор Ристо Магдинчев кој веќе неколку години има што да им каже од некој поинаков, стручен агол, на читателите на СПОРТМЕДИА.

А ние му благодариме што и овојпат беше со нас, се разбира и со нашите читатели.