Поради слаби дождови и долг период на суша, на големите градови во Турција им се заканува недостиг на вода во следните неколку месеци. Во Истанбул има вода за помалку од 45 дена.

Градоначалникот на Анкара, Мансур Јавас, претходно овој месец рече дека турскиот главен град има вода во брани и резервоари за само 110 дена. Измир и Бурса, следните два најголеми града во Турција, исто така се борат со недостиг на вода, а земјоделците во областите за производство на пченица предупредуваат на можна пропаст на земјоделските култури.

Во втората половина на 2020 година, Турција имаше рекордно слаби врнежи од дожд, а Дирекцијата за верски прашања минатиот месец побара од верските водачи да се молат за дожд, пишува „Гардијан“.

Турција одамна му дава приоритет на економскиот раст пред загриженоста за животната средина и останува единствената земја Г20, освен САД, што сè уште не го ратификувала Парискиот договор од 2015 година.

„Сите знаат дека водните сливови мора да се зачуваат, особено поради ваквите епизоди на суша кои стануваат сè потешки и потрајни. Но, во Истанбул, главните области на сливот, како што се некои преостанати шуми и земјоделско земјиште, се претвораат во урбани области. Нов аеродром, нов мост, нови фреквентни патишта и автопати, ништо од ова нема да го реши проблемот со сушата во Турција“, рече Умит Сахин, кој предава климатски промени и политика на заштита на околината на универзитетот Сабанчи во Истанбул.

извор: Makfax