Македонската ракометна репрезентација нема многу време за прилагодување во Египет. По краткиот одмор по пристигнувањето во Каиро, селекторот Данило Брестовац и неговите избраници во овој момент го одржуваат единствениот тренинг пред дуелот со Шведска, прв на Мундијалот.

Брзите тестови беа негативни, нашата експедиција ги чека резултатите од ПЦР-тестовите.

Протоколите на овој Мундијал поради пандемијата на коронавирус се доста строги. Играчите ќе се тестираат после секој натпревар, ИХФ не сака да дозволи дебакл на овој шампионат, здравјето е на прво место. Ова значи дека за кратко време нашите момци ќе мора да направат два ПЦР-теста.

Добро е познато дека на сите им се забрането да се движат надвор од хотелот, па релацијата во Каиро ќе биде хотел – сала.

Македонија меѓу последните репрезентации допатува во Египет, откако Чешка го откажа своето учество. По пристигнувањето на нашите ракометари им беа направени брзи тестови, по што заминаа во карантин во хотелот во кој се сместени.

Утринава заминаа на тренинг, пред дуелот со Шведска ќе има време за кратка-видео анализа. Брестовац во Египет поведе 20 играчи, поточно замина со подмладен состав.