Извршниот директор на компанијата „Модерна“, Стефан Бансел, изјави дека коронавирусот ќе биде присутен засекогаш.

Многу водечки здравствени експерти сметаат дека постои голема веројатност дека Ковид-19 ќе стане ендемска болест, односно, дека ќе биде трајно присутна, но веројатно во помали нивоа на зараза отколку денес.

Директорот на „Модерна“, компанијата која произведува вакцини против коронавирус, вели дека овој вирус не оди никаде.

„Ќе живееме со овој вирус, мислам дека засекогаш“ рекол тој за време на конфенреција за здравствена нега во организација на ЏП Морган.

Тој нагласил дека научниците постојано следат дали се појавуваат нови видови на вирусот, за да можат да се произведат вакцини.

Песимистичката прогноза ја даде и СЗО, која објави дека втората година од пандемијата на Ковида-19 може да биде потешка од првата, со оглед на брзината на ширење на вирусот, особено на северната хемисфера каде што циркулира заразен вид.

„Влегуваме во втората година од пандемијата, која може да биде потешка кога ќе видиме колку брзо се шири коронавирусот“, рече претставникот на СЗО, Мајк Рајан.

СЗО, во најновиот извештај, наведува дека минатата недела се регистрирани околу пет милиони нови случаи на коронавирус.

„По празниците, во некои земји ситуацијата ќе биде многу полоша пред да се подобри“, рече Марија ван Керхове, технички директор на СЗО за Ковид-19.

извор: Makfax