Нашата најдобра ракометна селекција, предводена од селекторот Данило Брестовац, стартува на СП во Египет, и тоа со мечот против Шведска. За Македонија ова ќе биде вкупно седмо учество на ракометните мундијали.

Интересно, започнавме со Египет и тоа во далечната 1999 година, а еве сега по точно 22 години, одново сме во Египет, но со некои нови момци, секако и со друг селектор.

1999 ГОДИНА – ЕГИПЕТ

Македонија своето прво учество на едно СП го имаше во Египет. Се паднавме во “Б“ групата, каде завршивме на петото место, со само една победа и не успеавме да се пласираме во следната фаза. Во групата беа и селекциите на Германија, Египет, Куба, Бразил и С. Арабија. Тука Кире Лазаров се промовира како ракометар пред кого претстои светска кариера.

2009 ГОДИНА – ХРВАТСКА

На второто наше учество чекавме цела една деценија, и вредеше нашето чекање. Во Хрватска нашата репрезентација просто воодушеви во групната фаза. Во групата “Ц“ завршивме како втори, пред нас беше само Германија, а Македонија беше пред Полска, Русија, Тунис и Алжир, со три победи и два порази. Во следната фаза Македонија ги загуби сите три меча, и тоа од Норвешка, Данска и Србија и завршивме на последното место во втората група. Се памети нашето навивање и забавата на “Фалангата“ во Вараждин во првата фаза од ова СП.

2013 ГОДИНА – ШПАНИЈА

Во 2011 СП за одржа без Македонија, но затоа од 2013 кога домаќин беше Шпанија, па се до ова во Египет, ние сме тука, во високото друштво, во ракометниот крем. Во Шпанија во таа 2013 година, Македонија во првата фаза за ривали ги имаше селекциите на Данска, Русија, Исланд, Катар и Чиле. Завршивме како четвртопласирани па затоа во 1/8 финалето налетавме на една Германија. Бадијала беа осумте голови на Кире Лазаров, “панцирите“ славеа со 28-23, па така Македонија се врати дома.

2015 ГОДИНА – КАТАР

Седуваше Мундијалот во Катар. Македонија се најде во групата “Б“, одигравме маестрално и завршивме како втори, пред нас беше само пресилната Хрватска, а зад нас беа Австрија, Тунис, БиХ и Иран. Четири победи и само еден пораз. Веројатно тоа е најдобриот биланс на Македонија на едно СП во групната фаза. Во осминафиналето немавме среќа, Словенија за два гола беше подобра од нас. Штета, се чини дека можевме и моравме да стигнеме подалеку на ова СП во Катар.

2017 ГОДИНА – ФРАНЦИЈА

Дојде редот да играме на СП во Франција. Мундијал кој на Кире Лазаров ќе му остане во сеќавање дека го заврши како прв стрелец со 50 голови, беше прв “бомбардер“ и во Хрватска во 2009 година кога постигна дури 92 голови. Во Франција се најдовме во групата “Б“, во која завршивме како трети. Пред нас беа Шпанија и Словенија, а зад нас селекциите на Исланд, Тунис и Ангола. Во 1/8 финалето противник ни беше пресилната Норвешка, пораз од 34-24 и враќање дома.

2019 ГОДИНА – ДАНСКА И ГЕРМАНИЈА

Последното СП се одржуваше во две земји, во Данска и Германија. Македонија играше во групата “Б“ и тоа против Хрватска, Шпанија, Исланд, Бахреин и Јапонија. Двете победи над аутсајдерите не ни беа доволни за пласман во следната фаза на овој Мундијал, завршивме како четврти во групата. Следуваше битка за утеха, битка за пласман од 13 до 16 место. Пораз од Русија во Келн, потоа исто во Келн победа над Чиле за конечно 15 место за Македонија на ова СП.