Работнички ја запиша петата победа оваа сезона, откако на домашен терен го совлада дебитантот Црн Дрим со 84-81 во заостанат меч од осмото коло во Првата лига. Најтрофејниот кошаркарски колектив убаво се намачи, гостите се покажаа како жилав противник, до звукот на сирената.

Стружани имаа одличен старт на дуелот, поведоа со 4-11, на другата страна домаќинот се врати на кратко, но одново ја изгуби контролата на мечот, по првата четвртина бепе  21-27. Тимот на Црн Дрим во ист ритам продолжи во втората четвртина, пред истекот на овој дел имаше двоцифрени 39-50. Работнички на полувремето успеа да намали на 44-50.

Следеше третата четвртина со промена на водството, двата тима имаа највисоко од четири поени. Во последните десет минути, тимот „црвено-белите“ влегоа со позитива од 70-65, на повеќе од три минути до крајот 82-71, благодарение на седумте поени на Ефремовски, по двата поени на Питс и Балмазовиќ.

Но, тука не беше крајот, стружани со серија од 10-0 дојдоа на 82-81 за вистинска драма во финишот. Балмазовиќ не успеа да реализира од линијата за слобдни по техничката грешка за Црн Дрим, Мираковски повика тајм-аут, но грешката ја поправи во самиот финиш, погоди две слободни за 84-81 и ја потврди победата на својот тим.

Токму овој кошаркар беше прв стрелец кај домаќинот со 23 поени и 10 скока, Вашингтон имаше 16 поени, Младеновиќ 11. Кај гостите Каухерд имаше 27 поени.