Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) ја информира јавноста дека не носи одлука за крајна тарифа за цената на водата, туку определува минимална и максимална просечна тарифа во рамки на која советот на општината на предлог на комуналните претпријатија носи одлука за висината на тарифата за граѓаните.

„ РКЕ во моментот има ограничена надлежност во однос на крајната тарифата на цената на водата на пиење. Според законските можности, РКЕ само предлага минимална и максимална тарифа за три години, а понатаму Јавните комунални претпријатија одбираат дали ќе прифатат една од тарифите или нема да прифатат ни еден предлог. Минималната тарифа обезбедува основно функционирање на јавното комунално претпријатие без ниедна инвестиција, додека во формирањето на останатите се вкалкулирани неопходните инвестиции за следната година. Во изминатите години сведоци сме дека општините најчесто се определуваат за минимална просечна тарифа, која не обезбедува инвестиции па се соочуваме со дефекти во водоводната мрежа. Поради оваа пракса, РКЕ бара во целост да ја преземе надлежноста за формирање на тарифата за вода“ изјави Марко Бислимоски, претседател на Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги.

Во однос на одлуката за просечната тарифа на општина Штип, од РКЕ информираат дека со утврдената минимална тарифа овозможуваат ЈКП „Исар“ да ја задржи истата цена како 2020 година.

„ Во нашата одлука максималната цена е пониска од цената којашто ја побарале од ЈКП „Исар“. За домаќинства ЈКП „Исар“ побарале 46,68 денари, а минимална според нас може да биде иста како и сегашната, а максималната 46,39 денари. Дополнително ЈКП „Исар“ побараа зголемување на цената на отпадните води, но Регулаторна комисија предложи да се намали“ посочува Бислимоски.

извор: Makfax