Подготвил: Зоран Ѓоршоски

Во изминатите неколку денови неколку крупни промени се случија во Работнички, и тоа непосредно пред стартот на зимските подготовки. Како прво досегашниот стратег Ратко Достаниќ и клубот се разделија, на негово место е ангажиран Александар Влахо. Тренер кој беше во Работнички и тренер кој долги години наназад му беше прв асистент на Гоце Седлоски во Вардар, Рига, Зрински…

Потоа по подолго време Работнички сега има спортски директор. На таа функција е назначен Горан Станковски – Гама, кој има широки ингеренции.

За ова, но и за многу други работи врзани со Работнички, разговараме со претседателот на клубот, Драган Поповски, кој веќе 13 години е  на чело на Работнички и успешно го води.

-Влахо место Достаниќ, Гама Станковски е спортски директор, зошто?

“По долга анлиза, по долго размислување и добиени мислења од играчите се решивме да се разделиме со Ратко Достаниќ, а на негово место да дојде Александар Влахо. Видете, резултатите реално во есенскиот дел беа далеку од тоа што очекувавме. Сметав дека некои работи не можат да одат на подобро, и затоа беше реагирано. Влахо го знам, станува збор за млад и квалитетен тренер, кој сака и знае да работи со младите. Сака да им даде шанса. Имаше многу понуди до мене за разни тренери, но јас решив да биде Влахо. Горан Станковски е ставен за спортски директор кој ќе има широки ингеренции во клубот. Тој ќе биде тука заедно со Влахо во првиот тим, но исто така ќе има ингеренции и во младинската школа. Убеден сум дека направивме вистински потег, но ќе покаже времето. Искрено јас имам целосна доверба во нив двајцата. Тука нема дилеми, знаат дека ги чека напорба работа и се подготвени за тоа“ вели Поповски.

САМО РАБОТНИЧКИ СЕ САМОФИНАНСИРА, БУЏЕТОТ Е 700.000-800.000 ЕВРА

-За разлика од останатите клубови во ПМФЛ, Работнички нема класичен спонзор кој стои зад него, некој стопански гигант, позната фирма, а не стои зад него ниту општината или градот?

“Работнички е единствен кој што се самофинансира. Дел од клубовите во ПМФЛ имаат свои спонзори, дел пак се спонзорирани од градот или општината. Шкендија, Ренова, Силекс, Борец, Струга ТЛ, А. Пандев се финансирани од наши познати стопанственици или силни спонзори. Другите клубови како Пелистер, Македонија ЃП, Беласица, Шкупи… се финансирани од општините, или пак дел. Ова не го велам да навредам некого, напротив. Сакам само да се знае. Вардар е посебна приказна, досега беше финансиран од Самсонеко, а сега не е ни таму, ни ваму. Тука сум 13 години како прв човек, и можам да кажам дека ниту еден денар нема влезено во клубот од спонзори или од било кого. Ние припаѓаме на општина Центар и во град Скопје, а немаме добиено ниту едно евро. Работнички живее и егзистира од продажба на играчи. И не се жалам, засега добро ни оди. Секоја година покажуваме добивка освен во 2019 кога бевме во минус од 5.000 евра. Тоа е успех според мене. Ние живееме од продажба на играчи, досега тоа успешно го правевме, Елиф, Зајков, Тошевски, Ристовски и уште многу други години наназад. Но тоа не е сигурен извор на приход. Јас не се жалам, само правам паралела меѓу нас и останатите. А што ако една година не успееме да продадеме? Тогаш се поставува прашањето како понатаму. Јас со мојата адвокатска канцеларија не можам да создадам толку пари со кои може да живее клубот. Затоа велам дека не е лесно се да одржува Работнички“.

-Тајна ли е колкав буџет има Работнички, или колку пари се доволни за да егзистира како што егзистира досега?

“Секоја година трошоците растат. Платите се зголемуваат. Работнички на платен список има околу 50 вработени, било со договори било со договор на дело, тоа е огромна бројка. За да може да се опстане треба и тоа како да се обезбедат средства. Ако некогаш било доволно 300.000 евра буџет, сега  таа сума изнесува 700.000 – 800.000 евра. А тие пари треба да се обезбедат. Точно е дека ние имавме спонзор “Сивус“, но тоа не беше класично спонзорство, преку неа ги реализиравме ваучерите. Секако дека и тоа е помош.“

-Како понатаму, ако се знае дека ситуацијата во Македонија, посебно со пандемијата, и не е така розова?

“Сериозно, што и како понатака. Јасно е дека ќе продолжиме со форсирање на млади и нивна продажба. Според мене основно ќе биде клубот да не почне да зема од мојата куќа што се вели. Во оној момент кога ќе почнам јас од дома да носам пари во клубот, тогаш ништо не правиме.  Тогаш не се гледа крајот. Многу е тешко да се одржува клубот, но волјата и желбата Работнички да успее е многу голема кај мене. Излезот е во изнаоѓање на генерален спонзор или купувач на клубот. Има многу заинтересираност, ми се јавувале разни луѓе, барале средби, сме имале состаноци. Сакале да влезат во клубот. Но има неколку проблеми околу сопственоста на земјиштето на кој се помошните терени. Тоа е во државна сопственост. Работнички го користи овој простор половина век и повеќе, но не е сопственост на клубот. Втора пречка зошто не беше продаден досега е тоа дека јас не видов во ниту една понуда, гаранција, дека може да се направи Работнички подобар клуб од она што јас го правам. Имаше и купувачи кои сакаа клубот да го користат во неспортски цели. Ако веќе го оставам, тогаш сакам да го оставам клубот во здрави раце. Од него да направи голем клуб, како Шкендија, како што беше Вардар, кој нема да зависи од продажба на играчи. Ако веќе е некој спонзор тој треба како прво да го регулира статусот на што го користи клубот, а затоа има право на откуп, да ја подобри младинската школа. Потоа се зависи од нивните амбиции. Сакам клубот, ако веќе го оставам, да биде во сигурни раце. Ова е, што ако, ако не можам да го водам Работнички понатаму“.

-Дали Работнички целосно ќе се ориентира на младите?

“Можеби во иднина Работнички и целосно ќе се ориентира кон младите. Досега имаше и странци, искусни, но ако веќе одиме со целосно подмладување, тоа нема да е гаранција дека Работнички ќе остане тоа што бил и тоа што е. За тоа сум свесен.Најдобро е тие млади да останат во тимот, да не ги продаваме веднаш, туку да сочекаме да созреат, да одиграат неколку сезони заедно, да дојдат до посакувани резултати и тогаш како готов производ да се продадат. И така на целиот тим му расте цената. Но за тоа треба капитал, треба голем буџет. Јас пак морам ако еден играч создадам, тој истиот веднаш да го продадам, зошто од тоа клубот живее. Тука е проблемот“

ПМФЛ Е ТЕШКА ЗА ИГРАЊЕ, ИМА КВАЛИТЕТ

-Ваш коментар за нашата елитна лига?

“Мое мислење е дека иако навидум нашата Прва лига е слаба, тоа не е така. Тоа ми го кажуваат играчите и тренерите од страна. Ми велат дека не очекувале дека ПМФЛ е тешка лига, квалитетна. Се разбира дека не е како во Европа, но има квалитет. Па нашите играчи трчаат по 12-13 км на меч, ако е така тогаш таа не може да биде неквалитетна. Клубовите имаат тренери кои се солидни, кои на пазарот прават добар избор на играчи. Од друга страна мене не ми се допаѓа тоа како некои натпревари завршуваат. Како тие клубови се осмелуваат, а има пренос на ТВ Арена, да го прават тоа што го прават. Нивните мечеви да завршуваат со неверојатни резултати, се знае на кои мечеви мислам. Тоагш има голема опасност втората половина од сезоната да биде нерегуларна. Од таму е моето стравување, зошто јас сакам на спортски, на чесен начин да се натпреваруваме, а поедини клубови тоа не го мислат, па прават калкулации. И затоа положбата на Работнички е потешка од онаа во која тие клубови се наоѓаат. Судиите се посебна приказна. Не знаеш од која страна да стравуваш. Јас повеќе стравувам од нив отколку од противникот. И затоа место да го анализираме противникот, ние се занимаваме од тоа што мораме, со судиите. Звучи чудно, но уште кога ќе дознаеме кој ќе ни суди ние веднаш знаме за тоа кој е, што е, какви му се намерите и слично. И затоа е многу тешко е чесно да се игра во таква средина“.

НАПРОЛЕТ ОЧЕКУВАМ ЧУДНИ РЕЗУЛТАТИ

-Што очекувате од пролетниот дел?

„Во пролетниот дел очекувам да има чудни резултати, кои ќе бидат важни во битката за опстанок и во битката за излез во Европа. Очекувам разни калкулации кои нема да бидат добри за мак – фудбалот. Очекувам првенство кое нема докрај да биде фер и спортски. Се надевам дека ќе се излажам во овие прогнози, но искрено мислам дека такво нешто не очекува во втората полусезона“.

ЗАРАБОТКАТА ОД НАСТАПОТ ВО ЕВРОПА Е САМО ЗАБЛУДА

-Дали нашите клубови можат да живеат од излез во фудбалска Европа. Можеби затоа е борбата по секоја цена е да се најдеш во тоа друштво?

“Излезот во Европа, односно да се мине добро финансиски со настап во едно коло е заблуда. Видете, убаво е да играш во Европа, да минеш неколку кола, како што тоа го правеше Работнички пред извесно време. Но да инвестираш пари само за едно коло, и прашање е дали ќе излезеш, тоа е фрлање пари. Да, убаво е да играш, и Работнички ќе се бори за излез во Европа, но заблуда е дека можеш да живееш од тие пари. Па видете сега во Конференциска лига за настап во едно коло наградата ќе биде 180.000 евра. И од нив треба да дадеш за патување, трошоци, премии. Затоа велам дека тоа е заблуда во однос на финансиите. Нема пари ни од ТВ правата сега во таа Конференциска лига. Е, во ЛШ е нешто друго. Таму наградите се многу поголеми. Но затоа ти треба буџет од два милиони евра. И пак не е гаранција дека ќе бидеш првак. Во фудбалот е тешко да работиш. Па да се вратиме низ историјата, еден Минчо се откажа од фудбалот, еден Трифун, потоа колку луѓе пропаднаа од фудбалот. Па тука е Пеце Асиба, па Ацуле и уште многу. Фудбалот е скапа играчка. И затоа викам кога треба јас од дома да носам пари, е тогаш е проблемот. Тоа е грев кон моето семејство“.

-Работнички во јвноста е претставен како стабилен клуб, во кој не се случуваа поголеми потреси?

“Работнички е стабилен клуб веќе 13 години. Не верувам дека во тој период имало клуб како нашиот во кој навреме се исплатувало се што треба. Не се големи пари, но тоа што е договорено е исплатено. Говорам за 99%, можеби има нешто што не исплатено од икс причини, но тоа е еден процент. Моменталните плати во Работнички и сега се солидни. Може комотно нашите играчи да си ги издржуваат своите семејства. И јас сум среќен поради тоа“.

МЕГА – ТАЛЕНТОТ СТАНКОВСКИ Е ПРЕД ТРАНСФЕР

-За кој клуб ќе потпише  Лука Станковски, новиот мега – талент на Работнички?

“За Лука Станковски има неверојатно голем интерес. Да, Лука ќе направи голем трансфер, Работнички ќе има приход од тој трансфер, но Лука ќе биде продаден само ако во тој клуб ќе има своја перспектива. Ако нема таков во моментов, кој првенствено ќе биде важен за неговата кариера, а во втор план е тука Работнички, тогаш ќе почекаме. Тој е голем талент, но има само 18 години. Не се брзаме по секоја цена. Работнички има пари да издржи уште оваа полусезона, да издржи и оваа година, нема што многу сега да брзаме со продажба на Лука по секоја цена. Нема да правиме трансфер поради трансфер. Во врска со Лука нема да биде исто како во некои други трансфери во кои се мешаа родителите, јас знам дека неговиот татко Горан Станковски знае што треба да се направи. Во мешање на родителите мислам на Тошевски,  со Лука е друга ситуација. Горан и Лука многу пододобро ги знаат работите. Повик до родителите е да ги остават децата на раат, да си тренираат. Ги повикувам да соработуваат со Работнички, само така можеме сите да добиеме, а не инает да водиме. Ете Тошевски го имаше Лил како клуб со готов трансфер, со помалку пари за Работнички, но со поголема перспектива за него. Го имаше  Ростов со повеќе пари за Работнички, и татко му се одлучи за Ростов,  иако јас барав да се одбере Лил. И сега кој е во право? Што прави сега Давид во Русија? Да, парите се битни, но големите пари доаѓаат  подоцна“.

-Новиот спортски директор Станковски добри ги знае младите и во Ранотнички, но и во Македонија?

“Да, Станковски беше селектор на младите, беше избран за најдобар тренер во млади категории, беше и прв тренер во Работнички. Тој најдобро ги знае младите во Македонија, а тие ни се нашиот таргет. И затоа е спортски директор на Работнички, затоа му е доверена таа улога. На негово барање го донесовме Кировски, го вративме Лазаров. Немаше удел во враќањето на неговиот син Марио, јас барав да се врати. Јас лично зошто верувам во неговите предиспозиции. Една од задачите на Станковски е таа, да ги извлече најдобрите млади од нашиот клуб, но и од Македонија, барем тие што можеме да ги донесеме и да ги исфорсираме во првиот тим. Проблемот во младинските категории е што нема доволно второлигашки клубови што сакаат да играат со млади. Во Скопје има само два клуба, Скопје и Кадино. Ние немаме каде да ги дадеме тие млади деца. Затоа голем број деца се откажуваат од фудбалот. Не можат сите веднаш да бидат во првиот тим. Тоа е голем проблем за мак – фудбалот“.

-Кој е рецептот на Работнички, како тоа успева да исфорсира млади играчи и да ги продаде за големи пари, за наши услови. Веројатно тоа го прави единствен во Македонија подолго време?

“Прво е изборот на таленти и најважно е да им дадеш шанса во вистински момент. Ќе земеме дечиња од 16 години, и тоа неколкумина и ги префрлуваме во првиот тим. Давањето шанса на млади играчи значи и губење на бодови. Реално ние лани го добивме Тошевски, но се најдовме во битка за опстанок. Ризикот е голем. Елмас доби шанса на 16 години, а ние додека тој играше веројатно загубивме 4-5 мечеви поради него. Тоа треба да се издржи. Значи добрата работа во младинската школа и давањето адекватна шанса во првот тим е рецептот на Работнички. И се разбира тренерот да е ослободен од притисокот дека мора по секоја цена да има резултат, а да им дава шанса на младите. Кога сме кај нашата школа да кажам дека самиот сум свесен дека убаво ќе биде таму да се префрлат поголеми финансии, подобри услови да имаат сите кои работат во таа школа. Сакам да упатам повик и до сите тренери кои имаат ПРО лиценца а се без работа, нека дојдат во младинската школа на Работнички и нека работат со децата. Таму треба да бидат најдобрите тренери. Да кажам и ова. Работнички е интересен, градски клуб. Тука ние не се делиме по национална основа. Родители од Чаир, Куманово, Сарај ги носат децата тука, сакаат во Работнички. Тоа ме прави горд. За крај сакам да го кажам и што ми е приоритет во блиска иднина. Тоа е воведување на

скаутска служба. На Работнички му се потребни скаути, потребна е скаутска служба. И тие да поднесуваат извешати до мене или спортскиот директор. Тоа сакам во брзо време да воведам во клубот. Тоа ни недостига, а се разбира дека финансиите се решавачки. Се надевам дека  и тоа ќе го добиеме“ заврши Поповски.