ГЕЈМЕРИТЕ СЕ НАИВНИ, им крадат податоци како на компјутерски неписмени

30.12.2020
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
ГЕЈМЕРИТЕ СЕ НАИВНИ, им крадат податоци како на компјутерски неписмени

Гејмерите, дежурни пред компјутерот во секој дом, иако најзапалени корисници на компјутерите сепак се покажаа како најмногу наивни кога е безбедноста и кражбата на податоци во прашање. Нивните лични податоци, потоа, се користат за маркетинг потреби но, и за кражби на идентитет и злоупотеба на нивните кредитни картички.

Бројни гејмери - поточно 12 проценти, што е приближно 179 милиони на глобално ниво - претрпеле кражба на лични податоци, чија вредност на глобално ниво може да достигне дури 347 милијарди долари.

Ова е едно од откритијата на најновото глобално истражување, спроведено во ноември 2020 година и во кое биле опфатени 5.031 гејмер од 17 земји, а скоро една петтина (19 проценти) од испитаниците изјавиле дека доживеале некакво вознемирување додека играле игри. Овој загрижувачки тренд е уште поизразен во Русија (44 проценти), Саудиска Арабија (27 проценти), Турција (28 проценти) и САД (27 проценти).

Што е уште полошо, една третина (33 проценти) од гејмерите биле жртви на измама. Сето ова заедно предизвикува стрес и вознемиреност кај 31 процент од гејмерите. Ова се разочарувачки податоци со оглед на тоа дека ослободувањето од стрес е една од главните причини зошто тие играат игри (62 проценти), покрај желбата за возбуда (62 проценти) и склопување пријателства (46 проценти).

Марина Титова, директорка на Одделението за потрошувачки маркетинг во Kaspersky, вели дека е важно кога играте игри, од самиот почеток да размислите како најдобро да одбегнете или да се справите со насилници, измамници и хакери.

„Ако реагирате навреме, ќе можете да ги оставите настрана повеќето од овие стравови и да се фокусирате на уживање во играта“, вели таа.

Еве уште седум совети за да бидете што е можно побезбедни кога играте игри на интернет:

1. Купувајте од официјални извори

Секогаш купувајте компјутерски игри на добро познати платформи како што се Steam и GOG или на официјалните страници на програмерите и девелоперите.

2. Штедете мудро

Официјалните продавници често нудат големи попусти, па дури и бесплатни игри. Но, многу понуди што стигнуваат на e-mail може да бидат измама - одете на официјалната веб-страница за да видите дали таму се споменува попустот - ако не е така, тогаш не е точно.

3. Проверете која е политиката за враќање производи

Пред да купите, проверете ја политиката за враќање на игри во одредена продавница, во случај да не ви се допаѓа играта или не работи на вашиот компјутер.

4. Користете специјална картичка за купување преку интернет

Наместо картичката со сите ваши заштеди, користете дебитна картичка за купување преку интернет и надополнете ја со средства по потреба. На тој начин, ако хакери упаднат на страницата што ја користите, нема да ви земат многу.

5. Користете безбедна мрежа

Препорачуваме да се најавувате во онлајн продавниците само од дома - откако правилно сте ја обезбедиле домашната мрежа.

6. Заштитете ги вашите нарачки

Заштитете го вашиот профил на платформите Steam и Battle.net, како и на сите профили на социјалните медиуми што ги користите за да се најавите во продавниците за игри (но по можност не ги користете профилите на социјалните мрежи за да се најавувате каде било).

7. Заштитете ги вашите уреди

Компјутерите, паметните телефони и таблетите што ги користите за играње игри исто така треба да имаат заштита како и оние кои ги користите за работа и лични потреби.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата