Русјаков

Одредена именувана администрација

27.12.2020
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Одредена именувана администрација

Простете за колумнава! Ќе биде надвор од фокус. Како го знам тоа? Па, колумната е веќе напишана. Ја препрочитав, сфатив дека е надвор од фокус и ги ставив овие пет реченици како увод.

Имав тешка недела. Оттука и дефокусот. Не, не е поврзано со никаква телесна болка. Имам силна болка на душата. А кога душата боли, телото станува соучесник, умот се губи во агонија. Ама ништо од ова не е за читање во сабота наутро.

Сепак, не сум само јас надвор од фокус. „Протрчав“ низ интернетот. И светот е надвор од фокус. Надвор од фокус од здравиот разум. Уште минатата колумна споменав дека за САД веќе нема што да се пишува. Бананите се печени за босански лонец. Ми се допаѓа метафорава. Јужната Америка си тера по старо. Континент како спортска обложувачница. Возбудено чекаш да видиш каде „длабоката држава“ ќе го направи следниот преврат. Азија е исток, а Истокот не е меѓународна заедница. Плус сè уште го држат киднапирано изгревањето на сонцето, ама Западот еден ден ќе си го врати своето природно право на изгрејсонце. Африка нема „Блек лајвс медр“, па затоа кој ги врти.

За разлика од сите нив, Европа е цивилизација. Особено Европската Унија. Цивилизираноста кај нив е континуитет. Откако низ минатото ги создадоа најцивилизираните вредности како комунизмот (Маркс и Енгелс), нацизмот (Хитлер) и фашизмот (Мусолини), еве сега ќе ни воведат и „правилно толкување на историјата“. Оти многу е нецивилизирано погрешно да се толкува историјата.

Едно е да читаш факт, а друго е како го толкуваш. Нецивилизираните ретроградни елементи само читаат факти. За разлика од нив, прогресивните цивилизирани луѓенца, толкуваат прочитани факти. Денес модерно се нарекуваат фактчекери. Еве пример!

Бугарскиот фашистички окупатор ѕверски ги измачуваше Мирче Ацев и Страшо Пинџур, кинејќи им парчиња месо, дерејќи им кожа, сѐ со намера да открие каде се стационирани партизанските единици. Тоа е факт. Од овој факт може да се открие дека Бугарија во Втората светска војна била дел од Централните сили предводени од нацистичка Германија, фашистичка Италија и монархијата Јапонија.

Многу народи се кренале против нацифашистичката окупација. Воделе герилска, партизанска војна. Окупаторите ги апселе своите противници и најкрвнички ги испрашувале. Но тоа се само факти, ќе каже цивилизираниот бирократ од ЕУ. И уште ќе додаде дека фактот мора да се протолкува. Еве како би изгледало тоа.

Не може да се инсистира на придавката „бугарскиот“. Не е цивилизирано. Вчера Бугарите, денес Русите, утре Јамајчаните. Затоа правилно е „одреден“. Не може да се каже ниту „фашистички“. Не е политички коректно. Денес поимот „фашизам“ има сосема друго значење. Денес фашисти се оние што немаат еднакво мислење со хистеричната прогресивна интелектуална бижутерија.

А оние што не се во дослух со меинстрим-глобализмот, се поголеми фашисти од вистинските фашисти. Всушност, денешните прогресивни и самопрогласени антифашисти со задоволство би презеле фашистички методи против своите неистомисленици.

Затоа, наместо терминот „фашистички“, политички коректно е да се користи „именувана“. Одиме понатаму со правилното толкување. Да кажеш за некого окупатор, тоа е говор на омраза. Многумина окупаторот го доживуваат како ослободител.

Еве, во последно време, од реакциите на тукашната политичка и интелектуална бижутерија, се виде кај чии баби биле добредојдени бугарските генерали во Втората светска војна. Затоа „окупација“ се менува со „администрација“. Па, така, сега имаме „одредена именувана администрација“.

Следно за толкување е „ѕверски ги измачуваше“. Одамна не е модерно на луѓето да им се даваат животински особини. Басните се демоде. А за конкретно измачување, докази нема. Во историските учебници никаде нема наведено сведоштво од нинџа. А од нашето блескаво судство јасно е дека само нинџа може да ја отвори вистината како пупка.

И така, штом нема нинџа, нема ни „ѕверско“, ни „измачување“, туку „човечки разговор“.
Стигнавме до Мирче Ацев и Страшо Пинџур. Кои се тие? Од целосното читање на фактот сфаќаме дека се партизани. Партизаните се вооружени групи.

А штом некој крене оружје на администрација со европски вредности, значи е терорист. И, еве, откако протолкувавме европски и цивилизирано, може да заклучиме дека одредена именувана администрација, човечки поразговарала со Мирче Ацев и Страшо Пинџур, при што нема доказ за измачување, ама гореспоменатите зеле оружје и спровеле тероризам врз евроатлантски ориентираните административци.

Уф, се уморив толкувајќи по европски терк. Затоа најдобро е да се дефокусирам на друга тема.
Излезе анкета. Анкетарите проверувале кој народ колку е среќен. Или несреќен. Ги прочитав резултатите. Македонците не биле ниту среќни, ниту несреќни. Каков генијален резултат! Но тука мора повторно малку исправно европско толкување.

Што се тоа Македонци? Тоа е еден народ што му припаѓа на хеленското културно наследство. Народ со бугарски корени. Народ измислен од коминтерната. И тој народ одлучи да стане дел од Европската Унија. Откажи се од себе, своето име и идентитет, историјата и јазикот, за да те примиме кај нас, му порачаа оние што правилно ја толкуваат историјата.

И Македонецот се откажа. Стана три коси црти. Европската Унија почна гласно да се кикоти и покажа среден прст. И така Македонецот ем се откажа од себе, ем не стана член на друштвото што бараше од него да се откаже од себе. Затоа тој денес ниту е среќен, ниту е несреќен. Бидејќи ниту е Македонец, ниту е во ЕУ. Гледате како анкетите имаат совршена логика?

Туку, што читам? Сатурн и Јупитер се израмниле. Заедно ја прават Витлеемската ѕвезда. Така се нарекува оваа појава. Инаку, Витлеемска е онаа ѕвезда што тројцата мудреци од Исток ги одведе до овчарската пештера кај штотуку родениот Месија.

Но таа случка уште ја немаат протолкувано фактчекерите, па не е веродостојна. И така, планетиве се изедначиле, а тоа означувало влез во ерата на водолијата. Немав поим. Во мојот ум, ерата на водолијата е поврзана само со филмот „Коса“ на Милош Форман. Како и да е, со влез во оваа ера сме влегувале во период на креативност и љубов.

Проблем е што не знаеме како тоа водолијава, сосе Јупитер и Сатурн толкуваат што е креативно, а што љубов. Оти ние, веќе знаеме од фактите на челерите, дека креативност и љубов се само деструкцијата и омразата што тие ја спроведуваат кон оние што мислат различно од нив.

Александар Русјаков, Нова Македонија

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата