Компанијата „Астразенека“ и Универзитетот Оксфорд дадоа спротивставени тврдења за начинот на дозирање на нивната вакцина против коронавирус, што е редок пример на несогласување меѓу двете институции околу овој клучен проект.

Двете страни имаат различна верзија на гледиштето за тоа како одлучиле вакцината да се дава во два наврата – првпат половина, а вторпат цела доза. Првично беше планирано да се даваат по две цели дози.

Студиите наводно покажале дека методот на половина доза е ефикасен 90 проценти во споредба со 62 проценти кога се даваат две цели дози.

Шефот на истражувањето на „Астразенека“ за „Ројтерс“ пред десетина дена изјави дека причината за половина доза е среќна случајност.

Истражувачите забележале дека очекуваните несакани ефекти како што се замор, главоболки и болка во рацете се послаби отколку што очекувале, а Мене Пангалос рече:

„Се вративме, проверивме и сфативме дека е дадена половина доза“, истакна тој, додавајќи дека компанијата потоа одлучила да продолжи со половина доза.

Водечки научник од „Оксфорд“ во понеделникот го отфрли тоа тврдење, велејќи дека половина доза е дадена намерно по темелна консултација.

Ваквите изјави од водечките институции предизвикаа загриженост во врска со веродостојноста на истражувањето, особено затоа што некои експерти сметаат дека се заобиколени некои прописи за да се одобри вакцината што е можно побрзо.

„Овие различни тврдења се загрижувачки“, рече Еленор Рајли, професорка по имунологија на Универзитетот во Единбург.

„Кога станува збор за вакцината, довербата е клучна и не смее да се прави нешто што ќе ја поткопа“, додаде таа.

извор: Makfax