Во Австрија постои голем интерес за масовното тестирање на коронавирус, кое започна денес, а според јавниот сервис ОРФ, пред станиците за тестирање се формирале подолги редици.

Во Виена, граѓаните можат да бидат тестирани на три пункта до 13 декември. Освен во Виена, тестирањето започна и во сојузните покраини Тирол и Форарлберг. Во другите покраини, тестирањето ќе започне во наредните денови.

Целта на масовното тестирање за коронавирус, како што објасни министерот за здравство Рудолф Аншобер во четвртокот, е откривање на лица заразени со коронавирус, кои немаат забележителни симптоми. Ова се прави со намера да се ограничи ширењето на вирусот за време на божиќните празници.

„Досега над 100.000 граѓани аплицираа за тестирање преку интернет“, рече Аншобер.

Министерот за внатрешни работи Карл Нехамер рече дека целта на овие масовни тестови е да се разбијат синџирите на инфекција.

„Секој што ќе се подложи на тестирање сега може да придонесе сите наскоро да се вратиме во нормала“, рече Нехамер.

Тестовите се изведуваат со брзи антигенски тестови. Во случај на позитивен резултат, за зголемена сигурност, се врши ПЦР тестирање.

Во Австрија, денеска се регистрирани околу 4.000 нови инфекции во рок од 24 часа. Според популацијата, ова е меѓу највисоките вредности во Европа.

извор: Makfax