Потпретседателката на Бугарија Илијана Јотова на средба со белгискиот амбасадор во Софија изјави дека е песимист дека Македонија ќе започне преговори со ЕУ годинава и објави досега неспомената позиција на Бугарија за проширувањето на ЕУ.
Спорот со Македонија Јотова го поврза со дебатата за иднината на ЕУ што може да се толкува дека освен барањата до Македонија Софија има и друга агенда за преговорите за проширување за земјава.
Потпретседателката Јотова изрази сомнеж дека прашањето за почеток на преговори ќе се реши до крајот на германското претседателство. Илијана Јотова е убедена дека прашањето за проширување мора да се разгледа во контекст на големата дебата за иднината на Европската унија.
“Европската иднина на земјите од Западен Балкан и позицијата на Бугарија за Република Македонија беа во фокусот на средбата меѓу потпретседателката Илијана Јотова и амбасадорот на Кралството Белгија Фредерик Морис” , соопшти прес-службата на шефот на државата.
Амбасадорот Морис ја претставува Белгија и во Република Македонија, Албанија и Косово.
“Белгискиот амбасадор ја истакна важноста на Бугарија како членка на ЕУ за европската иднина на Западен Балкан.
Потпретседателот посочи дека Бугарија е најдобриот лобист за европско членство на овие земји и за време на неговото претседателствување со Советот на ЕУ ја стави темата на агендата на Европа”, се вели во соопштението.
„Сепак, имаме нерешени прашања со Република Македонија. Нашата грешка е што не успеавме доволно да им ја објасниме нашата национална позиција на нашите европски партнери “, рече Илијана Јотова која е категорична дека Бугарија нема да дозволи суверенитетот и националниот идентитет на Македонија да се градат на грбот на бугарската историја.
„Ние не ги знаеме овие прашања во длабочина и тие треба да бидат презентирани и разјаснети на јавни дебати, вклучително и на европско ниво“, изјавил амбасадорот Фредерик Морис на што Илијана Јотова истакнала дека историјата на Балканот мора да биде добро позната за да се разбере бугарската позиција.
На својот гостин Јотова му ги претставила црвените линии формулирани по Консултативната средба со претседателот Радев минатата година, рамковната позиција на Советот на министри и декларацијата донесена од Националното собрание.