Заев избега од медиумите откако Црвенковски му го затресе тлото под нозете и ја стави под знак прашање неговата контрола врз СДСМ, објави Алфа.

Дека Заев е во многу незавидна ситуација станува се поочигледно, откако голем број видни партиски луѓе не само што не застанаа во негова одбрана, туку најдоа причина да го оправдаат отвореното писмо од Бранко Црвенковски.

Зад Заев застанаа мал број видни партиски луѓе, односно само оние на кои им додели високи позиции во извршната власт, како Зекири, Љупчо Николовски, Филипче, Шекеринска, Костадинов. Тие може да се каже оркестрирано, синоќа објавија речиси ист текст на социјалните мрежи, во кој што Црвенковски го прогласуваат за историја на партијата.

Дека атмосферата во СДСМ во моментов најверојатно е далеку од добра, говори и фактот дека речиси никој од скопското крило на партијата не застана во одбрана на Заев. Па дури ни првиот човек на градот Петре Шилегов, кој исто така е и долгогодишен висок партиски функционер. Јавноста денеска не доби можност да го слушне неговиот став, откако тој ненадејно откажа закажан настан. Но, се појави првиот човек на општина Центар, Саша Богдановиќ, кој не само што не застана во одбрана на Заев, туку изјави дека верувал во искрените намери и сугестии од Црвенковски.

- Многу е битно да знаеме што е цената што треба ние како општество да ја платиме. Сепак верувам дека се искрени намерите и како сугестии и како критики, добронамерни предлози, се со цел да се постигне едно единство, зборам како држава, не како партија за да имаме ај да кажам еден исчекор во оној еден процес, во кој што за жал сме биле долго време заглавени – изјави Богдановиќ.

Покрај скопското крило, проблем повеќе може да претставува што со ставовите на Заев не се согласува еден од неговите најблиски соработници, Оливер Спасовски, кој вели дека фашистичката окупација на Македонија, како и неговиот град Куманово е факт, за кој нема дебатирање. Тој не сакаше да одговори за писмото на Црвенковски, правдајќи се дека не сакал да ја злоупотребува владината говорница во партиски цели.

- Значи и моето Куманово е ослободено од македонските партизани, во ноември, на 11 ноември од борците против фашизмот и Македонија е ослободено од борците на НОБ против фашизмот. И тука се потврдени факти и ние не треба тука сега да дебатираме – изјави Спасовски.

Покрај Спасовски, со ставовите на Заев не се согласува уште еден кумановец, односно градоначалникот Максим Димитриевски, кој беше еден од најжестоките борци за доаѓањето на Заев на власт. Инаку, во своето писмено обраќање Црвенковски кажа дека го замрзнува членството во СДСМ, партијата каде основач и прв претседател, се додека не се свика партискиот Централен одбор на кој СДСМ ќе се огради од ставовите на Заев.