Филип Миркуловски и Вецлар по двата триумфи во низа, се запрени на гостувањето кај Гопинген во меч од осмото коло во Бундес-лигата. Гостите имаа свои шанси, но не ги искористија иако имаа водство од 16-19 по првото полувреме.
Ритамот падна по одморот, на крајот беа поразени со 33-30. Противникот со серија од 4-1 поведе со 29-28, до крај не дозволи пресврт. Миркуловски не се запиша во листата на стрелци.
Жарко Пешевски и Штутгарт не успеаја со цел плен да се вратат од гостувањето кај Фленсбург, иако одиграа одличен натпревар и во првото полувреме го контролираа резултатот, имаа и предност од четири гола на стартот 1-5, а потоа од два до три гола.
По одморот имаа плус еден 17-18. Домашниот тим во вториот дел беше подобар противник з кратко време го наметна своето темпо и до крај не ја испушти позитивата. Славеше со 34-30 за шеста победа сезонава, додека пак на другата страна Штутгарт го запиша третиот пораз, со едно реми и пет победи е на четвртото место на табелата, зад Фленсбург.
Репрезентативниот пикер постигна еден гол од исто толку обиди.