Иако им требаше победа, иако трите бода беа повеќе од императив, сепак „романтичарите“ одиграа ужасен натпревар и заслужено загубија од Македонија ЃП со 1:3. Посебно беа ужасни тие први дваесет минути кога разгоропадените „лавови“ поведоа со 2:0. И тука беше, се чини, ставена точка на овој натпревар кој требаше да биде дерби во вистинска смисла на зборот.

Ова беше шести меч за Работнички на свој терен сезонава и прв пораз, но со само една победа. Пораз кој долго ќе ги пече, пораз по кој треба нешто да се преземе. Очигледно е дека работите не одат во посакуван правец.

МАКЕДОНИЈА ЃП И ДЕФИНИТИВНО ЗНАЕ ШТО САКА

Посебно кога против себе имаш тим кој очигледно е дека знае што сака, знае како да дојде до победата, до трите бода. Па затоа Боби Божиновски и другарите сега се вмешуваат во битката за титулата.

Кој би рекол!?

Гостите од Ѓорче поведоа уште во 8.минута кога големиот кикс на Стојков успеа со супер продор во гол да го претвори брзиот и одличен Филип Петров. Веќе во 23.минута Адем од белата точка зголемува на 2:0. Се играше 33.минута кога тој истиот Адем на спектакуларен начин си ја затресе сопствената мрежа за 1:2, за зрак надеж за Работнички.

Сепак бадијала, точка на мечот стави Фернандо со прекрасна акција и со прекрасен гол во таа 53.минута. Следуваа напади и атаци на домашните, но отиде се во неврат за тимот кој што го чека веројатно уште една тешка сезона во ПМФЛ.

А Македонија ЃП си “гази“, сега дури има шанси и за титула.

РАБОТНИЧКИ – МАКЕДОНИЈА ЃП 1:3 (1:2)

Национална Арена “Тодор Проески“ во Скопје. Гледачи:/. Судија: Александар Ставрев (Скопје). Стрелци: Адем (авт) 33., (РАБ), Петров 8., Адем (п) 23., Фернандо 53. (МАК). Ж. Картони: Стојков, Пецов, Станковски (РАБ), Сулејмани, Андерсон (МАК).

Ц. Картони: Јевтоски (РАБ), Атанасковски (МАК).

Играч на натпреварот: Филип Петров (Македонија ЃП)

РАБОТНИЧКИ: Јанков, Ѓорѓевиќ, Тодоровски (60. Муарем), Силјановски, Стојков (60. Стојкоски), Пецов (83. Зука), Тошески (60. Ѓурѓевиќ), Чумиќ (73. Максимов), Станковски, Јевтоски, Трајковиќ.

МАКЕДОНИЈА ЃП: Стевковски, Атанасковски, Мишевски, Китановски, Личина, Божиновски, Адем, Филиповски (83. Настевски), Петров (79. Андерсон), Воша (74. Сулејмани), Фернандо.