Дашмир Елези со само 16 години и еден ден, попладнево го имаше своето деби во дресот на Шкендија. Одигра одлични 45 минути и постигна супер гол за водство на тетовци. Ова момче допрва ќе стрела и тресе по нашите терени. Голем, мега – талент во нашиот фудбал.

Сепак на полувремето тренерот Ернест Ѓока се реши да го извади.

А сега за самиот натпревар. Убаво дерби, со многу жар, со многу борба а на крајот 1:1. Исход по кој и двете екипи не треба да бидат задоволни ако се знае дека сега Македонија ЃП се вмешува во битката за титулата.

ЧАИРЧАНИ СЕ ЗАКНИЈА УШТЕ ВО ПРВИТЕ СЕКУНДИ

Интересно, уште во првите две минути Шкупи имаше две супер шанси за водство, но Нето и Дарбо, кој ја погоди пречката не успеаја да го совладаат денеска одличниот Захов. Дури по 15 минута Шкендија ја презема иницијативата, а таа вроди со плод во 45+2 кога споменаиот Елези стрелаше за водство на Шкендија.

И само што започна вториот дек Шкупи се закани, и не само што се закани туку постигна и гол со глава преку Илирид Адеми за израмнување. До крајот на дербито и двете екипи имаа свои шанси за победа, но двата голмани секогаш беа на вистинското место.

Треба да се каже дека судијата Димитар Мечкаровски беше на терен само 12-13 минути, кога се повреди па мораше место него ова дерби да го води Константин Влахо кој во 54.минута се чини дека пропушти да покаже на белата точка кога Тотре беше соборен во казнетиот простор на гостите.

Се на се убаво, динамично и интересно дерби одиграа Шкендија и Шкупи.

ШКЕНДИЈА – ШКУПИ 1:1 (1:0)

Градски стадион во Тетово. Гледачи:/. Судија: Димитар Мелчкаровски (Скопје). Стрелци: Елези 45+2. (ШКЕ), Адеми 52. (ШКУ). Ж. Картони: Елези, Дита, Бејтулаи, Алими (ШКЕ), Глигоров (ШКУ).

Играч на натпреварот: Илирид Адеми (Шкупи).

ШКЕНДИЈА: Захов, Павич, Бејтулаи, Алими, Ибраими, Елези (46. Тотре), Ахмеди, Дориев (78. Нафиу), Мурати, Дита, Незири.

ШКУПИ: Иљази, Диак, Исени (90. Исени), Адеми (90. Бериша), Алварез, Кривањева, Гоудиаби (80. Јусуфи), Дарбо, Глигоров, Алии (46. Глишиќ), Нето.