(Видео) Битиќи: Очекуваме враќање на преткризното ниво на БДП во втората половина на 2022

19.11.2020
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
(Видео) Битиќи: Очекуваме враќање на преткризното ниво на БДП во втората половина на 2022

Со Буџетот за 2021 година и со наредните очекуваме да се вратиме на преткризното ниво на БДП веќе во втората половина на 2022 година, а веќе во 2025 година, нашата економија да расте со стапка од 5,9%, изјави вицеремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи.

Недвосмислено, додаде тој, потребни се повисоки стапки на раст, кои ќе значат и поголем обем на производство, создавање на производи со повисока додадена вредност, иновативни решенија, а сето тоа ќе резултира и со повисок животен стандард на граѓаните.

Битиќи кажа дека Буџетот е проектиран на 247,5 милијарди денари или околу 4 милијарди евра. Тоа се 2,1 процентни поени помалку од буџетот за 2020 година. Воедно, рече Битиќи, очекуваме значително зголемување на приходите, за околу 8,3%, кои се очекува да бидат 212,6 милијарди денари или 3,45 милијарди евра, со што буџетскиот дефицит, од 8,5%, колку што ќе биде во 2020 година, ќе падне на 4,9% од БДП.

Тој кажа дека се планира во наредните пет години, односно во 2025 година, буџетскиот дефицит да биде спуштен до 2,5% од БДП.

„Буџетот за 2021 година има три главни цели: да обезбеди поддршка и понатамошно унапредување на здравствениот сектор, што останува врвен приоритет, пред се за заштита на здравјето и на животот на сите наши граѓани; да го поддржи економското заздравување, односно да се помогнат сите оние микро, мали, средни и големи компании, кои како последица на пандемијата ќе имаат потреба од подадена рака за да се исправат, но и да се стимулираат компаниите кои работат со успех, понатаму да се развиваат, прошируваат, зголемуваат производство и извоз и на тој начин да го забрзаме економскиот раст и да ги одржиме и унапредиме основните функции на државатта и да овозможиме ефикасно спроведување на потребните реформи за евро-атлантските интеграции, со особен фокус на реформите во правосудството“, рече Битиќи.

Доколку се се одвива по зацртаните проекции, додаде тој, очекуваме со овој буџет да се обезбеди раст на бруто домашниот производ од 4,1%, да се стимулира извозот, кој очекуваме да порасне за 14,4%, воедно да пораснат и бруто инвестициите за 8,4%.

„Како една од поважните компоненти во формирањето на БДП е приватната потрошувачка за која имаме проекција за раст од 3,8%, а раздвижувањето на економската активност сметаме дека ќе доведе и до зголемување на бројот на вработени за околу 2%“, рече вицепремиерот.

извор: Makfax

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата