Народната банка ja засилува соработката со граѓанскиот сектор во сферата на финансиската едукација

19.11.2020
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Народната банка ja засилува соработката со граѓанскиот сектор во сферата на финансиската едукација

Народната банка ги засилува активностите за соработка со граѓанскиот сектор во сферата на финансиската едукација. За првпат, Народната банка ќе одржи обука за обучувачи, кои ќе се ангажираат околу едуцирање на населението за прашања од доменот на финансиите коишто ги засегаат сите граѓани како активни учесници во финансиските текови. Со ова, се очекува дека ќе се прошири мрежата на финансиската едукација во нашата земја и ќе се зајакнат ефектите од ширењето на знаењата од оваа област. Тоа би придонесло за поголема финансиска вклученост и носење издржани финансиски одлуки од страна на населението.

За таа цел, Народната банка склучи меморандум за соработка со здружението на граѓани за поттикнување општествен развој „Глобал шејперс Скопје хаб“, коешто е дел од меѓународната мрежа „Глобал шејперс“. По искажаниот интерес од „Глобал шејперс Скопје хаб“ преку организација на настани – предавања, односно презентации и отворени дискусии, за давање придонес во финансиската едукација на пошироката јавност, особено на младата популација во земјата, со меморандумот е предвидено тимот на Народната банка да даде експертска помош, преку обука за членовите на здружението коишто ќе ги спроведуваат активностите. Исто така, Народната банка ќе обезбеди и едукативни материјали од областа на финансиската едукација. Планирано е предавањата на „Глобал шејперс Скопје хаб“ наменети за пошироката јавност, особено за младата популација, да се одржат до средината на следната година, на волонтерска основа.

Развивањето на соработката меѓу финансиските регулатори и граѓанските организации во сферата на финансиската едукација е од исклучително значење за постигнување уште повидливи резултати со поголема достапност на знаењата до поголем дел од населението. Народната банка оваа година започна соработка и со други граѓански организации коишто искажаа подготвеност и желба да се вклучат во спроведувањето активности за унапредување на финансиската писменост и поттикнување на финансиската инклузија.

извор: Makfax

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата