Жителите од селото Преглово, општина Пласница, вчера наутро се разбудија од истрели на огнено оружје. Стравотниот настан се случил во местото т.н. „Рамниште“, каде две лица од селото Пласница пукале со оружје во правец на Нерџат Таировски, исто така жител на селото, пишува ТВ21.

Таировски во 9 часот и 30 минути бил во шума во близина на селото за да собере дрва за лични потреби, но по патот накај дома, токму на ова место од далечина од 23 метри кон него било испукано 21 куршум, но не бил погоден. Од истрелите настрадал неговиот коњ.

„Околу 9 часот и 30 минути наутро, токму на местото каде што се наоѓа екипата на ТВ21 се случи обид за убиство. Едно лице се обидело да убие друго, но за среќа не успеало во целта. Кон лицето било истрелано 21 куршум“, вели репортерката на ТВ21.

Емир Таироски, братот на лицето кое било нападнато, за ТВ21 раскажа за настанот. Вели дека напаѓачот се обидел да го убие неговиот брат уште во три наврата.

Од Секторот за внатрешни работи-Битола, велат дека се преземаат потребните мерки за расчитување на случајот, а осомничениот бил спроведен во Полициската станица во Кичево и се очекува натамошно постапување.

„На 17.11.2020 во Полициска станица Македонски Брод биле лишени од слобода И.Б(60) и Ф.Џ(55)и двајцата од Пласница,постапувајќи по пријава на Н.Т.(43) од с.Преглово дека на место викано „Рамништа“, атар на с.Преглово, Општина Пласница, од страна на лице  со кое подолго време имале нарушени односи, биле испукани неколку проектили, при што било усмртено домашно животно коњ водено од пријавителот. Двете лица се задржани поради основано сомнение за сторено кривично дело „убиство во обид“, по чл.123 од Кривичниот законик. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, велат од СВР Битола.

Според сознанијата на ТВ21, браќата Таироски, со горенаведеното лице имале несогласувања уште од 2003 година, па затоа бараат правда од надлежните државни власти.

Вчера на местото на настанот бил извршен увид и биле земени чаурите од куршумите од автоматското оружје од кое било пукано. Се работи на целосно расчистување на случајот. 

Извор: ТВ21

Најчитани вести