Единствена Македонија: Фудбалерите да не ги прифаќаат парите од Владата

14.11.2020
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Единствена Македонија: Фудбалерите да не ги прифаќаат парите од Владата

Владата во Скопје тргнувајќи од бизнис менталитетот во погубното водење на државата, прво што направи по големиот успех на фудбалската репрезентација со пласманот на Европското фудбалско првенство, објави дека доделува награда од по 10.000 евра, велат од партијата Единствена Македонија преку соопштение.

Според партијата на Јанко Бачев, овој голем фудбалски успех не е прашање на пари туку е национална гордост за Македонија и овие средства за фудбалерите не се некоја сатисфакција бидејќи имаат убави годишни плати со играњето во странски клубови.

Затоа, Единствена Македонија ги повикува фудбалските репрезентативци „да не го прифатат ова понижување и доделените владини пари да ги донираат за медицинските лица кои деноноќно и со месеци се борат со тешката здравствена состојба во земјата“, се наведува во соопштението.

На тој начин, според партијата, и фудбалската репрезентатција на конкретен начин ќе покаже дека секогаш е на страната на народот.

„Кризата со коронавирусот се повеќе се шири со зголемениот број на нови заболени, но и на смртни случаи. Сега е најважно здравјето на народот. Успехот на фудбалската репрезентација е настан со немерливо и историско значење и не треба да биде поматен со било какви непромислени одлуки од владата и од било кого, посебно во ова тешко време со коронавирусот“, се наведува во соопштението на Единствена Македонија.

извор: Makfax

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата