Како турското кафе придонесе во падот на Османлиското царство

21.04.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Како турското кафе придонесе во падот на Османлиското царство

На почетокот на 19.век, дотогаш исклучително силното Османлиско царство почнало забрзано да слабее, а една од малку познатите околности што барем индиректно придонела во падот на големата империја е улогата на кафето, пишува The Economist.

Кафето дошло во Турција за време на владеењето на султанот Сулејман Величествениот.

Кога Везирот кој го испратил Султанот да управува со Јемен нашол кофеински напиток познат како qahwah, понел кафе со себе назад во османлискиот двор во Цариград, каде што овој пијалок станал хит.

Дворскиот мајстор за кафе имал неколку десетина помошници со чија помош го мелел арапското кафе во екстра фин прав, кој по текстура бил сличен на денешното еспресо. Потоа кафето било варено во бакарни садови наречени cezves (оттаму доаѓа „ѓезве“).

Добиениот пијалок бил горчлив, црн и прелиен со тенок слој пена кој настанувал при сипувањето, а се послужувал во мали порцелански чаши. За да се избалансира горчината, според легендата, сопругата на Сулејман – Хурем Султан, го служела кафето со чаша вода и слатки. Впрочем така се служи и денес во Турција.

Популарноста на кафето толку брзо растела што на некои кафето им замирисало на „ѓаволска работа“. Иако овој пијалок воопшто не се споменува во исламските свети списи, еден тврдокорен свештеник од времето на Сулејман издал фатва против кафето и наредил дека муслиманите не смеат да го пијат.

Меѓутоа, тоа не ја намалило привлечноста на горкиот напиток.

Уште во 1555 година во Истанбул е отворена првата јавна кафана (т.е. kahveane). Многу векови потоа, речиси една на секои шест продавници во градот послужувала кафе. Постепено, кафето станало популарно во безмалку сите краеви на царството. Освен во домовите, џамиите или на пазарите, сè повеќе луѓе почнувале да се собираат во кафаните, кои им служеле како место за дружење, забава, но и едукација и размена на информации. Писмените гости на глас ги читале вестите на денот, јаничарите таму ги договарале протестите против султанот, официјалните лица разговарале за судските интриги, трговците разменувале воени гласини, а неписмените главно слушале и учеле.

Во кафеаните исто така луѓето се запознавале со идеите кои претставувале неволја за отоманската власт; таму се раѓале и растеле идеите за побуна, стремежите за автономија, се дискутирале пропустите на моќниците.

Не поминало долго пред властите да почнат да ги сметаат кафеаните за сериозна закана. Некои султани меѓу гостите во кафеаните инсталирале шпиони, за да го „прислушкуваат“ јавното мислење.

Други, како Мурат IV, султан од раниот 18. век, се обиделе целосно да ги забранат. Но сепак, кафеаните биле премногу профитабилни за такво нешто.

Кога во 19. век во земјите под османлиско ропство дошло до подем и точка на вриење на народноослободителните движења, популарноста на кафеаните уште повеќе почнала да расте, особено во европските поробени територии, меѓу христијанските народи.

Во кафеаните во Солун, Софија и Белград лидерите на народните движења ги планирале и договарале своите тактики и ги зацврстувале меѓусебните сојузи. Така, може да се рече дека делумно и во кафеаните „созревале“ стратегиите што довеле до независност на Грција (1821 година), Србија (1835 година) и Бугарија (1878 година).

Времињата и околностите се менувале, но кафето останало еден од најпопуларните пијалоци. Со тек на време различните народи додавале и свој сопствен печат во подготовката на кафето. Грците го правеле со растителна смола, Хрватите со малку ким, Арапите го сипувале со кардамон и го послужувале во мали шолји без рачки, наречени „финјани“.

Сепак, како што знаеме и денес, вкусот зависи и од начинот на печење.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата