СИЛЕКС – РАБОТНИЧКИ              4:3 (1:0)

Стадион: „Силекс“ во Кратово.

Стрелци: Ивановски 29’ (п), 78’ (п), Ристов 50’, Мустафов 94’ (С) – Тошески 53’, Чумиќ 74’, Јевтоски 83’ (п) (Р).

Ж. Картони: Мустафов, Ѓуриќ, Тантуровски, Карчески (С) – Ѓорѓевиќ, Тошески, Тодоровски, Шаркоски, Јанков (Р).

Играч на натпреварот: Иван Ивановски.

СИЛЕКС: Божиновски, Драшковиќ, Грозданоски, Ивановски, Ѓуриќ, Мустафов, Ристов, Тимовски, Нешовски (67’ Жеравица), Карчески (79’ Костовски), Тантуровски (74’ Додевски).

РАБОТНИЧКИ: Јанков, Зука (50’ Петковски), Ѓорѓевиќ, Ѓурѓевиќ, Тодоровски, Пецов, Тошески, Маркоски, Муарем (69’ Чумиќ), Јевтоски, Трајковиќ.

Драма, многу голови, два пенали, борба… Мечот во Кратово изобилуваше со се, како да беше вистинско дерби. Дури седум гола со „хепи-енд“ за Силекс. Двата тима одиграа по едно добро полувреме, што на крајот им се посреќи на кратовци да стигнат до победата.

Силекс имаше предност по првиот дел, можеше да биде и два и три разлика, а Работнички два пати се враќаше од негатива. Губеа „романтичарите“ 2:0, па се вратија, па потоа и 3:2, и одново се вратија, но им немаше спас откако Мустафов погоди во судиското надополнување.

ДОМИНАЦИЈА НА СИЛЕКС ВО ПРВИОТ ДЕЛ, СТАТИВА, ПА ГОЛ

Силекс доминираше и целосно го надигра „анемичниот“ гостин во првиот дел. Не само што постигна гол, туку кратовци имаа и една статива, една шанса, но не дојдоа до поубедливо водство. Голот го постигна Ивановски во 29. минута од пенал, стрелајќи во горниот лев агол. Работнички, пак, не успеа да направи ниту една шанса. Ништо по првиот дел не навестуваше дека мечот ќе заврши така како што заврши.

РАБОТНИЧКИ СЕ „РАЗБУДИ“ ПО 2:0 И СТИГНА ДО 2:2

Силекс на стартот од вториот дел преку Ристов стигна до 2:0. Мешаница пред голот на Работнички, Јанков во прв момент одбрани, а Ристов стрела.

Но, нововлезените во Работнички ја направија разликата, и веднаш вратија. Најпрво Тошески успеа да донесе 2:1 со гол со глава, а потоа и Чумиќ да стрела прецизно по мешаницата пред голот на Силекс, стигнувајќи до 2:2.

ПОВТОРНО СИЛЕКС ПОВЕДЕ, И ПОВТОРНО „РОМАНТИЧАРИТЕ“ ВРАТИЈА

Нов пенал за Силекс, нова шанса за предност на кратовци. Ја користи Ивановски, погоди во мрежата на Јанков, овојпат во долниот десен агол. Пенал и на другата страна, а Јевтоски ја врати неизвесноста, и „симетријата“. Погоди во мрежата на Божиновски кој прочита, но за малку не одбрани.

МУСТАФОВ НОСИ, КОНЕЧНА РАДОСТ ЗА КРАТОВЦИ

Но, драмата тука не застана. Во судиското надополнување после еден изведен корнер, Мустафов успеа да погоди, за голема радост на кратовскиот тим, а фудбалерите на Работнички беа во неверување. Одиграа многу добро второ полувреме, но останаа со куси ракави, пред се поради грешките во одбраната, и нивната невнимателност.

Во секој случај во Кратово беше крајно интересно и неизвесно на крај со „хепи-енд“ за Силекс.