Пишман лобист за „Северна“ се извинува за грешката

16.10.2020
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Пишман лобист за „Северна“ се извинува за грешката

Активистот на Шарената револуција и основач на партијата Твоја ги шокираше своите соборци со кои се бореше за менување на името и потпишување на договорите со Грција и Бугарија.

Либистот за промена на името и компромис со Бугарија денеска крикна на Твитер: “Извинете граѓани на Република Македонија”.

На социјалните мрежи е познат како Виктор Стевич а важи за влијателен “твитерџија” кого го следат многумина од сите политички афилијации.

По актерот Сашо Тасевски кој пред два месеци му се извини на Никола Груевски и Стевич со извинување за своите гревови и поддршка за СДСМ и Заев но кај него извинувањето е упатено кон граѓаните.

Човекот што некритички гледаше на јасните обиди за промена на македонскиот идентитет сега признава дека направил огромна грешка што не верувал во патриотизам и национализам туку на други трендови и појави.

Во продолжение целата емотивна но аргументирана исповест на Стевич кој ги изненади сите на социјалните мрежи затоа што до скоро важеше за силен поддржувач на СДСМ и Зоран Заев.

Интегралното извинување на Виктор Стевич:

Извинете сите предци и сите што живеат и сите што ќе се родат во Македонија.

Извинете што пропагирав за промена на името и верував во подобар живот за вас, тоа беше грешка огромна на сите нас.

Моите лични верувања немаат врска со тоа што ќе го напишам каде згрешивме и што треба да направиме. Либерално општество, слободно движење…тоа си се мои работи и мои лични верувања, ова го пишувам за тоа што треба Македонија да направи.

Јас сум сѐуште истиот: верувам во западна демократија, верувам во човекови права и слободи, верувам дека ЕУ и НАТО се добри за Македонија, но ако се тргнат сите мои верувања, ако се тргнат емоции и се разгледаат фактите и се размислува како Вулканец ќе го кажам следново:

Моите идеи за модерна држава, хајтек, без национализми, слободно општество, марихуана, ЛГБТ, без историја, држава базирана на општествен договор за иднината, а не за минатото, за нас не работи, односно ќе работи но за 50-70 години.

Во последните неколку месеца размислував каде грешиме 30 години, кој е најголемиот проблем на нас како нација. Под нас подразбирам сите што живеат во Македонија: Македонци, Албанци, Срби, Бугари, Власи, Роми – други ако има, веројатно има.

После прочитани милион книги, после читање за историја и долго размислување дојдов до следниов заклучок: Ние згрешивме во почетокот. Секоја нова држава се гради на национализам и патриотизам, не може да ја изградиш како ние што ја изградивме.

ГРЕШКИТЕ

За да имаш здрава држава има период од 50-70 год кога треба да се создаде здраво национално ткиво, да поминат 3 генерации што си ја сакаат државата, што би гинеле за неа, тоа се прави со едукација на децата и задојување со патриотизам уште од најмала возраст.

Тој период не може да го прерипаш, ако го прескокнеш ќе имаш вукојебина, ние го скокнавме, се правевме поголеми демократи од Американците и поголеми католици од Папата и сега имаме вукојебина со лидери кловнови.

Немавме катедра за национална стратегија, каде МАНУ и катедрата ќе направеа долгорочна стратегија за патриотизам во првите 50 години, додека се создаде здравото патриотско ткиво, а тоа очајно треба на нова држава.

Духовните лидери, живи ги нема, црквата ни е за подсмев, им ги бројат мерцедесите и глисерите. Пола нација преку ноќ станаа атеисти, одеднаж сите се по науката, епа така другари не се гради држава, тоа може после првите 50 години, не кога е во зародиш.

Ни влегоа 100-ци Невладини организации кои се ништо друго освен легални агенти на странски структури. Ти влагаат, те разоруваат, те раздвојуваат и те владеат. После тоа ти налагаат што да правиш, ти прават договори и ти само како вол потпишуваш.

А влагаат затоа што немавме национална стратегија за правење држава, нашите “дипломати” и политичари гледаа што можат да украдат и кој тендер да го наместат, како и они да не веруваа и веруваат во Македонија.

ШТО ТРЕБА ДА НАПРАВИМЕ

1. Формирање на катедра за национално единство составена од интелектуалци кои со МАНУ ќе изготват долгорочна 50 годишна програма за патриотизам на кои сите политички партии треба да се потпишат и медиумите.

2. Враќање кон корените, мора да се вратиме 3 чекора назад пред да одиме 10 напред. Враќање на традиционалните вредности на сите што живеат во Македонија, задојување на децата со патриотизам, сите деца (Македонци, Албанци, Срби…)

3. Креирање митови и легенди. Гоце влегол во Турска кафана само со кама и истепал 12 Турци. Даме Груев му удрил шамар на кадијата, Карев му учукал глава на бегот…тие легенди и митови се здрави за нација во зародиш.

4. Духовните лидери да имаат поголема застапеност, а не да се расправаат со мерцедеси, пола нација атеисти стана поради нив. Ќе имаме атеисти кога ќе му дојде времето, кога ќе имаме држава, а не сега!

5. После 2-3 години агитирање од партиите и медиумите нов ОБВРЗУВАЧКИ референдум каде што ќе си го вратиме името со 90% излезеност и 85% треба да бидат за враќање на името и одма поништување на Преспа.

6. Откога ќе го вратиме името, протерување на сите НГО од државата, нека го спасуваат рисот во Албанија и нека ги подржуваат ЛГБТ во Албанија, ние ќе ги подржиме ЛГБТ кога ќе ни дојде времето, кога ќе имаме држава, не сега, сега други работи се побитни.

7. Ќе има луѓе како мене, што ќе негодуваат, протестираат, шарени револуции, атеисти….со нив малку поостро, пола во притвор, пола со закана, ќе ги репресираш малку, нека протестираат после 50 години за човекови права, кога ќе имаме држава.

8. Е сега кога веќе се е решено и имаме здраво национално ткиво и имаме конзенсус од сите партии и поминале 30 години и имаме нови генерации на задоени патриоти, тогаш со 90% подршка за политичарите ќе преговараме со кој сака: Бугари, Грци, Срби , Германци…

Знам дека ќе кажете: не оди така!

Не е точно!

Баш така оди!

Ама ќе не избркаат од НАТО!

Никој од никаде нема да не избрка

Може да се закануваат дека ќе не избркаат, но кога имаш единство кај народот и народот ти е како во Унгарија, кој сака нека дојде да се заканува.

Нашиот проблем е поделеностa и нормално е во сите преговори странците да не гледаат послабата страна, ние сме слабаците во преговорите, а не другите држави. Како и да е, мора да поминат 50-ина год и што побрзо го направиме ова тоа подобро иначе ќе имаме ВКЈБН и во 2120-та.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата