СТАРА ТРАНЗИЦИСКА: „Обезвредни па приватизирај“

15.10.2020
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
СТАРА ТРАНЗИЦИСКА: „Обезвредни па приватизирај“

Владата подготвува приватизација на Македонска пошта. На синоќешната седница ги задолжила вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, министерот за економија Крешник Бектеши и директорот на Национални пошти Ејуп Ристеми да подготват терен. Во игра е целосна продажба односно приватизација или преземање на компанијата со јавно приватно партнерство. 

Поштата со години тоне во загуби. Според најновите податоци на Министерството за финансии, годинава Македонски пошти има неплатен долг од милион евра, а до крајот на годината за плаќање ќе достасаат уште нешто над 2 милиони евра. 

Долговите на поштата се трупаат, како и партиските кадри кои се вработуваат таму. Со оваа компанија со години управува ДУИ. За сегашниот директор Ејуп Рустеми и неговиот претходник Фадис Реџепи, Државниот завод за ревизија констатира дека иако поштата трупала загуби, директорите таму си се наградувале со премии. Извештај покажа дека македонска пошта е во загуба од 10 милиони евра, но претпријатието склучувало договори за премии од осигурување со кои обезбедувало богати бонуси за досегашните седум директори.

Се давале и големи попусти за поштенските услуги, од што, компанијата има загуби од над милион евра. Работниците земале аванси за службени патувања и други намени, но не ги враќале парите и по неколку години, а дел од нив немаат образование иако биле поставувани на високи позиции, констатирале државните ревизори.

Оваа компанија беше мета и на вооружени грабежи, кои јавноста ги поврзуваше со изборите. Речиси и да нема град каде не беше ограбена некоја експозитура, но парите не се наоѓаа. Ниту сторителите. 

Ова не е прв обид за приватизација на некогашната златна кокошка, која сега тоне во загуби. Уште во 2009 година имаше најави за продажба на компанијата на Канадската пошта. Но државата се откажа од оваа зделка, без објаснување и за тоа плати пенали од над 200 илјади канадски долари.  

За црни сценарија на Поштата предупреди и Трифун Костовски, кој при затворањето на Еуростандард банката, пред три месеци рече дека власта ќе ја симне на колена Поштата, ќе има отпуштања на работници и некој ќе ја купи за евтини пари.

Приватизација или јавно приватно партнерство власта најавува и за Железница, Еврокомпозит, ТЕЦ Неготино.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата