Дефинитивно најталентираниот македонски кошаркар во моментов, Теодор Симиќ (16 год., 214 см), сезонава би можел да дебитира во дресот на шпанскиот гигант Барселона и тоа во Евролигата, откако каталонскиот тим го регистрира за настап на средбите од најсилното клупско натпреварување во Европа, објавува Спорт1.

Името на нашиот суперталентиран центар се најде во друштво на ѕвезди како Никола Миротиќ, Ник Калатес, Томас Ертел, со оглед што ја доби довербата на новиот предводник од клупата, поранешната европска играчка легенда, Шарунас Јасикевичиус. Симиќ е еден од четворицата кошаркари родени 2004 година, кои се на листата пријавени за евролигашките дуели, со најава дека би можеле да добијат шанса на некој од дуелите од регуларниот дел од сезоната.

За наследникот на поранешниот македонски репрезентативец Тони Симиќ ова е прва директна конекција со најдобриот тим на Барселона, откако во претходниот период играше за младинските екипи на овој клуб. Тој и во иднина ќе игра за помладите категории и тоа најчесто со две или три години повозрасни противници, но воопшто нема да биде изненадување ако во скоро време го облече и дресот на сениорскиот тим на гигантот од Каталонија.

Но, Симиќ јуниор да дебитира дури и на следниот дуел на Барса нема да биде најмладиот Македонец во Евролигата. Тоа и понатаму ќе остане Александар Угриновски, поранешен кошаркар на Цибона, кој има и хрватски пасош и кој првиот настап во најсилното клупско натпреварување го имаше во 2004 гоидина со 15 години и 266 дена. Тој дури 15 години го имаше епитетот најмлад дебитант во историјата на Евролигата, по што беше „детронизиран“ лани во февруари од Црногорецот Федор Жугиќ, кој со 15 години и 157 дена настапи во дресот на Будуќност.

Најчитани вести