Ако Баку користи турски авиони Ф-16 – Ереван ќе ги користи ракетите „Искандер“

28.09.2020
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Ако Баку користи турски авиони Ф-16 – Ереван ќе ги користи ракетите „Искандер“

Ерменскиот амбасадор во Русија, Вардан Тогањан изјави дека Ереван ќе користи ракети „Искандер“ доколку Баку употреби турски ловци Ф-16 во нападите. Како што рече, во моментов има доволно противвоздушни системи на располагање за соборување на турски беспилотни летала, пренесува Спутник.

Во исто време, Тогањан ги отфрли како неточни информации дека Ереван работи на формирање хуманитарни коридори од Нагорно-Карабах, велејќи дека сè уште нема потреба од такво нешто.

„Бидејќи Азербејџан го бомбардира Степанакерт за прв пат од 1992 година, беше речено дека цивилите мора да се засолнат во засолништата и подрумите. Сепак, никој не спомна ниту еден збор за евакуација на граѓаните од главниот град Нагорно-Карабах“, објасни тој.

Амбасадорот додаде дека границата меѓу Ерменија и Нагорно-Карабах функционира нормално, луѓето се движат без никакви потешкотии, а има и сообраќај со камиони.

Шефот на азербејџанската дипломатија, Џејхун Бајрамов изјави дека вооружените сили на неговата земја имаат соодветен одговор на можната употреба на системот „Искандер“ од страна на Ерменија во судирот во Нагорно-Карабах.

Русија има одбранбен сојуз со Ерменија, а Турција ја поддржува нејзината етничка заедница во Азербејџан, пишува Ројтерс.

Властите во регионот Нагорно-Карабах во Азербејџан со мнозинство ерменско население тврдат дека 59 нивни војници биле убиени во судири со азербејџанските сили. Претходно, од Азербејџан беше објавено дека Ерменија претрпе големи загуби првиот ден – 550 мртви и ранети.

Конечниот број на жртви од обете страни сè уште не е утврден.

извор: Makfax

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата