Гутереш: Вирусот се шири во сите правци, потфрли заедничката соработка

24.09.2020
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Гутереш: Вирусот се шири во сите правци, потфрли заедничката соработка

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, денеска изјави дека светот не успеал да соработува во борбата против пандемијата на Ковид-19.

Како што рече, коронавирусот во моментот е закана број еден во светот.

Пред Генералното собрание на ОН, Гутереш неуспехот на меѓународната заедница го препиша на недостатокот од глобална подготвеност, соработка и солидарност, пренесува „Асошиетед прес“.

Генералниот секретар на ОН посочи дека повеќе од 30 милиони луѓе досега се заразиле од коронавирус во светот и дека речиси милион пациенти им подлегнале на последиците од болеста. Воедно, предупреди дека вирусот сè уште не е ставен под контрола.

„Додека земјите одат во разни насоки, вирусот се шири во сите правци“, рече тој.

Гутереш повика на соработка меѓу народите, глобалните и регионалните организации, меѓународните финансиски институции, синдикатите и другите актери.

„Немаме друг избор“, предупреди тој, „или ќе се обединиме во рамките на глобалните институции или ќе пропаднеме во хаос и поделби“.

извор: Makfax

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата