Шпанскиот фудбалер Алваро Мората по четири години се врати во Јувентус. Најавената позајмица од Атлетико (М) беше официјализирана доцна синоќа.

Мората (27) се враќа во редовите на „Старата дама“, за која играше од 2014 до 2016 година. Станува збор за едногодишен заем вреден 10 милиони евра, а Јуве ќе има можност да го купи за 45 милиони следното лето. Јувентус има опција да ја продолжи позајмицата до крајот на сезоната 2021/22 за дополнителни 10 милиони евра. Ако го сторат тоа, тогаш опцијата за купување ќе чини 35 милиони евра од 2022 година, и повторно ќе се плаќа на три рати.

Високиот напаѓач беше трета опција на италијанските шампиони, откако пред него, Пирло се интересираше и за Луис Суарез или Един Џеко, но и двете имиња не успеаја да најдат начин за преселба во Торино.